Во организација на опозициската Демократска партија вечерва пред владата во Тирана, на плоштадот ” Народни херои” одржан е вториот голем национален собир, на кој присуствуваа граѓани од речиси сите делови на земјата.

Целта, како што рече лидерот Сали Бериша, е соборување на премиерот Еди Рама, кого тој го нарече “главниот крадец на нацијата“ и формирање техничка влада која ќе спроведе слободни избори.

-Ова е ден на храброст, на бунт, на гнев, на граѓанска победа над најголемото зло што ја зафати Албанија, што ја мачи оваа земја од темните денови на диктатурата на Хоџа до денеска. Денеска е ден на граѓанска храброст и одлучност. Ден кога граѓаните и опозицијата го изведоа на суд главниот крадец – премиерот поврзан со бандити, шверцери и убијци. Ова е ден на триумф над злото што ја зафати Албанија, рече меѓу другото Бериша.

Бериша ги повтори обвинуваата кон Рама, кои, според негом ги знае цел свет, дека “Рамадуро е на чело на најопасната криминална организација” кој ја “блокира правдата за да се спаси себе си”.

-Албанија ќе ја спасиме со револт и само со револт. Заедно сме на километар до триумфот, затоа не запираме, порача Бериша.

По неговото обраќање дел од учесниците се обидоа насилно да влезат во владата, по што почнаа да фрлаат молотови коктели и пиротехнички средства кон владиниот објект, поради што мораше да интервенира и противпожарно возило, а насобраните беа растурени со водени топови и солзавец.

За тоа време Бериша стоеше на подиумот и го венеше националното знаме.

Според првичните информации од здобиени изгореници во болница се транспортирани петмина полицајци.

На протестот се обратија и пратеници и претставници на опозицијата кои не штедеа обвинувања за Рама и владата, порачувајќи дека “соборувањето на нарко режимот на Рама е должност пред историјата и земјата”.

За безбедноста беа ангажирани над 1.400 полицајци, влезот и прозорците на владиниот објект беа обезбедени со метални огради. Беа присутни и возила на противпожарната служба и итната медицинска помош.

Безбедносните мерки вклучуваа двоен кордон пред владата, ангажирање при потреба на Националните безбедносни сили и специјалната единица РЕНЕА, а беа поставени и снајперисти на објектот на владата и на Собранието.