Роберт КЕНЕДИ
Здраво, јас сум Роберт Ф. Кенеди Јуниор, вашиот секретар за здравство и социјални услуги (HHS).
Кога одите да јадете во ресторан, цената на храната е јасно наведена во менито. Кога купувате нешто онлајн, точно знаете колку ќе ви биде наплатено пред да кликнете „купи“. Зошто тогаш, кога станува збор за многу медицински процедури, цената ја дознаваме дури подоцна? И за разлика од ресторан или онлајн купување, медицинските сметки често достигнуваат стотици илјади долари. Кому му користи тоа? Сигурно не на пациентите.
Додека вие дома се грижите за сметката што треба да пристигне по пошта, здравствените осигурителни компании и болниците ги зголемуваат цените и остваруваат огромни профити. Пациентите се уморни од статус-кво состојбата. Токму затоа претседателот Трамп презеде чекори уште во својот прв мандат за да ги направи транспарентни цените за болнички престои, лекарски прегледи и лекови на рецепти.
Сега, ние продолжуваме понатаму. Благодарение на лидерството на д-р Оз и неговиот извонреден тим во CMS (Центар за медицинска заштита, н.з.), администрацијата на Трамп неодамна го објави предложеното правило „Транспарентност и покриеност 2.0“, кое бара од здравствените осигурителни компании однапред да им ја прикажат на пациентите вистинската цена на здравствената услуга. Кога ја знаете цената пред да ја добиете услугата, можете да изберете третман со најниска цена и највисок квалитет, што преку пазарна конкуренција ќе придонесе за намалување на трошоците за здравствена заштита.
Веднаш по потврдата од Сенатот за мојата функција како секретар за здравство, претседателот Трамп потпиша извршна наредба со која нè задолжи цените во здравството да бидат јасни, точни, транспарентни и применливи. Стратегијата MAHA (да ја направиме Америка повторно здрава, н.з.), објавена во септември, повикува HHS (американското Министерство за здравство, н.з.) да ја спроведе таа извршна наредба.
Денес, ги исполнуваме тие насоки и работиме на тоа здравствената заштита да биде потранспарентна, подостапна и поконвенционална, без непријатни изненадувања. Нашето предложено правило бара овие информации да ви бидат достапни на повеќе начини, вклучително и на вашиот мобилен телефон.
Други земји покажаа дека кога владите бараат ценовна транспарентност, пациентите носат информирани одлуки што се подобри за нив и за општеството, а националните трошоци за здравствена заштита значително се намалуваат. Аналитичарите проценуваат дека ценовната транспарентност би можела да им заштеди на американските потрошувачи 80 милијарди долари годишно во здравствени трошоци.
Претседателот Трамп и јас правиме сè што можеме за здравствената заштита да биде подостапна. А тоа започнува со тоа да ве овластиме со избор и информации — до последниот долар.
Ви благодарам.



