Кога Македонка ја пее „Море сокол пие“ велиме ’браво’, кога некој од соседите го прави тоа важи истото, но што да се каже кога песната ја изведува девојка која нема апсолутно никаква врска со Македонија и дури и воопшто не била во нашата земја?
Најновата преработка на прекрасната македонска традиционална песна доаѓа од работилницата на Barcelona Gipsy balKan Orchestra и прекрасната вокалистка Маргерита Абита.
Маргерита е Италијанка и е дел од составот Barcelona Gipsy balKan Orchestra (BGKO), интернационален ансамбл, чија база е Барселона. Специфични по составот, но и начинот на кој ја интерпретираат традиционалната музиката – Barcelona Gipsy balKan Orchestra се вистински мелем за душата, а новиот дух кој ѝ го даваат на музиката од Балканот, Средниот Исток, но и Медитеранот е магија за сите сетила.
– Традицијата на Македонија е собрана во една приказна, една песна, една емоција. Средбата на БГКО со вечната мелодија чија тежина низ вековите обележала генерации… Старата изрека вели: „Низ Босна не пеј, низ Србија не играј, а низ Македонија ниту пеј ниту играј…“ А сепак еден нов поглед на стара љубов, карактеристика на оркестарот закотвен во градот на Гауди. Инспирирани од природата со која биле опкружени и концертот чија енергија им останала во сеќавањата, БГКО врзува три балкански земји во една приказна – двете страни на езерото Скадар низ призмата на македонскиот сокол, велат во објаснувањето зошто ја одбрале токму „Море сокол пие“.
БГКО работи во состав: Маргерита Абита (вокал, Италија), Матиа Скироса (хармоника, Италија), Џулиен Шанал (гитара), Иван Ковачевиќ (контрабас, Србија), Стелиос Тогиас (перкусии, Грција), Дани Карбонел (кларинет, Каталонија–Шпанија) и Олесандр Сора (виолина, Украина)/Пере Ноалск Туру (виолина, Каталонија – Шпанија).