Почитувани колеги од Владата, градоначалници, инженери, работници, пријатели, претставници на медиумите и сите што денеска одвоивте дел од вашето време да бидете присутни на овој посебен настан.

Денес, заедно, сведочиме на нешто што за многумина веќе делуваше невозможно. Ова не е само пуштање во употреба на автопатска делница, туку ова е момент на враќање на вербата, доказ дека кога ќе ја преземеме одговорноста со чиста совест и искрена намера, тогаш промените се случуваат.

На овој потег, на делницата Пресека-Песочани, денес се вози по нов автопат. Само една година откако ја презедовме одговорноста да ја водиме државата, успеавме да го откочиме еден од најголемите и најзаглавени инфраструктурни проекти во Македонија. Проектот кој со години стоеше како симбол на застој, како срамна слика за држава што тапка во место, денес е симбол на новото време.

Седум години траеше чекањето, ветувањата без дела, бесцелното трошење време, пари и нерви на граѓаните. Седум години нерасчистени имотни односи, променети проекти, нефункционални институции и недомаќинско работење. Денес, само една година откако ја добивме довербата од народот, докажуваме што значи вистинско работење- со дела, не со зборови.

Секој метар од овој автопат е изградeн со напорна работа, но и со јасна волја за напредок, волја да се стави крај на неуспесите од минатото. И не застануваме тука- следната година, автопатот Кичево- Охрид ќе биде целосно завршен и ставен во функција. И тоа нема да биде случајна победа, туку планиран успех- резултат на вредна, секојдневна, одговорна работа.

Паралелно со ова, се реализираа и низа други капитални проекти низ целата земја. Во само една година, со работа и посветеност, успеавме да пуштиме во употреба:

–       Дел од експресниот пат Градско- Прилеп, на потегот Градско- Дреново, вреден 37,4 милиони евра;

–       Експресниот пат Дреново- Фариш, кој значително го скратува патувањето и го зголемува квалитетот на сообраќајната безбедност;

–       Експресниот пат Ранковце- Крива Паланка (потег Страцин), во должина од 26 километри и вредност од речиси 98 милиони евра- клучна делница за поврзување со источниот граничен премин и со соседна Бугарија;

–       Целосно го реконструиравме и регионалниот пат Охрид- Свети Наум, во должина од 25 километри, вреден речиси 12 милиони евра- пат кој има огромно значење за туризмот и локалниот развој.

На ова јас би ги додал и делницата која што исто така е дел од Коридорорт 8, а тоа е Гостивар- Букојчани која што ја затекнавме речиси никаде, иплатени само авансни фактури, а на терен буквално ништо не беше направено. За  разлика од пред една година, тамо сега се работи , се гради и јас сум отисмист дека и пред рокот ќе го завршиме овој дел од автопатот кој што е значаен дел од Коридорорт 8.

Ова не се само бројки. Ова се животи на луѓе што ќе патуваат побрзо, побезбедно и поквалитетно. Ова се региони што се отвораат за нови инвестиции, за развој, за шанси. Ова се деца што ќе доаѓаат поблиску до образованието, пациенти поблиску до здравството, земјоделци поблиску до пазарите.

Ова се патишта на надеж. Патишта кои ја враќаат довербата во државата.

Денес ја гледаме разликата меѓу политика што гради и политика што изговара. Меѓу систем што функционира и систем што бара оправдувања.

Градиме темели на промените- не само со бетон и асфалт, туку со работа, со чесност, со почит кон секој граѓанин што плаќа даноци и со право очекува да добие инфраструктура, услуги, развој.

Оваа влада е тука да работи. Да решава проблеми.

И да, најдоброто допрва доаѓа.

Доаѓа време кога ќе се движиме напред- без изговори, без застои, без страв.

Денес од овде, од Пресека- Песочани, праќаме порака: ќе го довршиме автопатот, ќе ги довршиме промените, ќе ја довршиме работата што долго време чекаше вистинска влада, а тоа е оваа во која што е предводник ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, заедно со коалицијата Вреди- Влен и политичката партија ЗНАМ.

Ние не ветуваме многу. Но она што го ветуваме- го испорачуваме.

Ние не зборуваме за темели- ние ги градиме.

Затоа, заедно со вас, чекор по чекор, километар по километар, ја враќаме надежта и ја движиме Македонија напред.

И нека се слуша гласот на промените низ секој нов пат, секој нов проект, секој нов успех!

Да сте живи и здрави, и со среќа нека ни е користењето на оваа делница од автопатот.

Ви благодарам.

 

Влада