Со вклучени трепкачи дваесетина возила ја поминуваат патарината на автопатот Гостивар-Скопје без да платат. Со албански знамиња на автомобилите, застанати во една колона, минуваат без ниту едно возило да застане и да плати. Подзастанува првиот, кој веројатно го прави договорот за слободно поминување на сите возила. По него сите минуваат без никаков проблем, објави Курир.
По реакциите во јавноста, Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) излезе со соопштение во кое потврдува дека направена е внатрешна контрола веднаш по објавувањето на видеото. Според нив, првото возило во колоната платило патарина и за другите зад него, но постојат и случаи каде тоа не е направено.
„Веднаш по објавата на видеото директорот на ЈПДП даде итен налог за проверка. Контролата утврди дека само за неколку возила не е наплатена патарина. По целосно расветлување на случајот ќе следат мерки за утврдување на одговорност на вработените и дисциплински постапки“, наведуваат од претпријатието.
И покрај објаснувањето, дел од јавноста остана скептична и гневна, оценувајќи дека ваквото однесување создава чувство на нееднаквост и неказнивост. Граѓани коментираат дека ако обичен возач помине патарина без да плати, веднаш добива казна, додека во овој случај сè уште нема ниту казнети лица.