Театарската група „Настап“ чии членови создаваат претстави преку театарска импровизација овој понеделник во 20 часот ќе настапат во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Интерактивните хумористични настапи на актерите Наталија Теодосиева, Тони Денковски, Дамјан Цветановски, Григор Јовановски, Мартин Манев, Сергеј Димовски и режисерот Андреј Цветановски во улога на водител, честопати наликуваат на стоење со една нога и држење рамнотежа на исправен стап, поради што името на групата има двојно значење.

 

За време на импровизацискиот настап актерите играат сцени за кои немаат сценарио, но, имаат правила во зависност од играта. Секоја игра на сцена овозможува публиката на различен начин да биде вклучена во креирањето на сцените и улогите. Целта на актерите е покрај сите пречки кои водителот и публиката ќе им ги зададат, да успеат да создадат логични сценски целини. Освен создавањето на содржината преку задавање на локации, ликови или проблеми во сцените, кои актерите тогаш за прв пат ги играат, овој вид на целовечерна претстава без сценарио понекогаш ѝ дава можност на публиката и таа да биде дел од сцената.

Во изведувачките уметности, импровизацијата се користи како алатка за време на креативниот процес. Во театарот, постојат вежби и игри кои ја освестуваат и развиваат креативноста, довербата во партнерот на сцената, способноста на изведувачот да се адаптира на секој нов проблем и секогаш да дејствува од активна но опуштена позиција. Овие вежби и игри се основата на која е изграден еден Импров Настап.

https://www.youtube.com/watch?v=dZ73wl0DuPE&feature=share