Македонската јавност ја вознемири последната емисија од серијата Срце на дланка, во која Горан Станковски од Крива Паланка раскажува за животната голгота во обидот да си го прехрани семејството.
Пред неколку години на работното место доживеал несреќа, кога паднал контејнер и го повредил, а не бил социјално осигуран, а неговата сопруга имала здравствени проблеми од преживеано трауматично детство. Семејството живее со 9.000 денари месечно. Неговиот најмал син пред камерите низ плач раскажува.
-Ги гледам децата во училиште како јадат кифла или сендвич, а јас се виткам додека ме боли стомакот. Често седам гладен, родителите немаат да ми дадат да си купам кифла. И, дома немаме секогаш храна. Сакам поголема соба зашто немаме каде да учиме сите тројца, сакам убав кревет, масичка, компјутер, телефон како и сите деца. Но, најмногу храна на масата за сите нас. Сакам на масата да има месо и благо, зашто тоа многу ретко јадеме. Храната да ја поделам со мојот брат и сестра зашто и тие сакаат како мене. Тоа е мојата новогодишна желба, вели детето.
Таткото Горан продолжува да раскажува за тешкото живеење.
-Тука сум роден во Крива Паланка и работејќи успеав да обезбедам да направам две соби за моето семејство. Имам три деца Грета, Леон и Јован. Одлични ученици се, многу го сакаат училиштето. Грета е прва година во средно медицинско училиште и има петки, ама немаат услови за учење. Сите во една соба, пет души тесно е. Јас имав несреќа пред десет години. Ме поклопи контејнер додека работев во Комуналец, а не бев осигуран, и не ми дадоа ни отштета. Па, денес имам проблеми со цело тело, со нозете, со рацете со кичмата. Не можам ни канта од пет килограми да кренам. Тоа не’ принудува да живееме само со минимална социјална помош која за ништо не е доволна. Принуден сум децата гладни да ги испраќам на училиште. Неспособен сум за работа, иако сум млад, вели Горан.
Иако направил една операција на ногата и оди со помагала, треба да оди на уште една операција, но, се плаши да замине да не остане инвалид. Мајка им не може да ја преземе таа обврска.
– Јас сум се родила на 8 јануари, но по три недели од моето раѓање мајка ми починала и татко ми ме дал во дом. Потоа пак ме зел дома, но ме чувале маќеи и многу лошо се однесувале со мене. Тоа ме натера на неполни 17 години да се омажам и денес имам три деца, ама и тие исто како мене немаат убав живот. Сиромашни сме. Мене никаде не сакаат да ме вработат како хигиеничарка, а маж ми е болен и не може да работи, па живееме само со 9.000 денари социјална помош, низ солзи објаснува Силвана.
Во дилема бевме дали да ја објавиме оваа приказна како што налагаат правилата со заштита на идентитетот на децата, но хуманитарците велат дека ако се направи тоа луѓето не веруваат во автентичноста на случајот. Ја пренесуваме тажната приказна и видеото онака како што се објавени во Срце на дланка.