Ова е гробот на Лазар во Ерусалим, односно во местото Витанија (денес Ел Азарија) блиску до Ерусалим.
Приказната, веруваме, ја знаете: ја има само и единствено во Евангелието по Јован, што е малку чудно, бидејќи изгледа неверојатно дека Марко, за кој се смета дека всушност ги запишувал сведоштвата на апостол Петар, Матеј, и самиот апостол и Лука, кој ги запишувал сведоштвата на апостол Павле, кој за своите сведоштва дознал изворно од братот на Исус, Јаков и од апостол Јован, го пропуштиле овој неверојатен настан.
Но, како и да било, пријателот на Исус, Лазар, умира, а Исус доаѓа четири дена по неговата смрт. Тој е известен дека Лазар е болен, но вели дека тој не е болен за да умре, туку за да ја пронесе славата Господова. Лазар умира, Исус доаѓа четири дена по неговата смрт, вели дека тој само спие и му наредува да стане. Лазар станува, ги отфрла од себе платната со кои е превиен и излегува од гробот.
Ова видео кое имате можност да го видите го прикажува гробот на Лазар во Витанија, крај Ерусалим или поточно кажано првиот гроб на Лазар во кој тој бил само четири дена. Можете да забележите дека до гробот на Лазар од кој тој станал се доаѓа по 24 скали, одејќи надоле. Тоа е така зашто муслиманите, по освојување на местото во 16 век, изградиле џамија која го блокирала патот од куќата на Лазар, Марта и Марија до местото каде било положен и кое било негов гроб и со тоа светото место го сториле непристапно. Влезот во грбот е заграден со ѕидот од џамијата, па за да се стигне до тоа место, мора да се оди по обиколен пат.
По скалите, се стигнува до просторија за молитва, каде што може да се види оригиналниот влез во гробот на Лазар кој од надвор е заграден. Може да се види и отворот во гробницата кој бил затворан со камен.
Од просторијата за молење се влегува во просторија за која се верува дека била гробот на Лазар каде неговото тело лежело четири дена.
За време на крстоносните војни, францисканите успеале да измолат да се направи овој заобиколен премин до светото место и тоа така и останало. Во 20 век или поточно во 1995 година изградена е црква посветена на Лазар.
Првата црква била изградена во четвртиот век, била наречена Лазариус, но била урната од земјотрес во 6. век.
Видеото прикажува остатоци од мозаик од таа црква од 4. век. Потоа била изградена поголема црква која опстоила до крстоносните војни, кога била изградена црква посветена на Марија и Марта.