Велешанецот Милан Ристов вчера го прослави стотиот роденден.
Роден е во годината кога е убиена Роза Луксембург, кога е основан Бентли, кога е формирана Коминтерната и се родиле Евита Перон, Михаил Калашњиков и шахот Реза Пахлави, објави ТВ 24.
Ристов вчера наполни еден век живот, а на роденденската прослава беа неговите деца, внуци и правнуци. Му се наполни срцето, оти семејството, вели, го одржува во живот.
Дедо Милан е еден од најстарите живи Велешани. Современик е на многу историски настани. До својата 27 година живеел во воени времиња, во кои и самиот бил учесник.
Во повоена Југославија не добил боречка пензија, нп тоа не го скршило. Чесноста и правичноста, вели дедо Милан, е најдобриот лек за долговечност.
– Често знае да ме седне, да се напиеме по една чашка ракија, раскажувајќи ми за својот живот, полн со спомени, раскажува неговиот син Благој.
Тајната во неговиот долг живот се принципите, до кои се уште се држи, вели тој.
Дувајќи ги свеќите од роденденската торта, неговите блиски му посакаа здравјето да го крепи, па на овој ден да се собираат уште долго. Евита, Калашњиков и Пахлави се одамна на оној свет. Но, стогодишниот дедо Милан Ристов не се дава. Вети дека ќе се видиме и следната година, на неговиот 101 роденден.