Велика Британија денеска ја обвини Русија дека стои зад видео-повикот меѓу лице кое лажно се претставува како премиер на Украина во разговор со министерот за одбрана Бен Волас.
Лондон го обвини Кремљ за обид за измама, дека Москва стои зад видео-повикот чија снимка синоќа беше објавена на „Јутјуб“, дека на низок начин сака да обезбеди чувствителни информации и да посрамоти британски официјални лица.
Лондон се обидува да издејствува од „Јутјуб“ отстранување на снимката на која се гледа дека Волас преку видео-врска смета дека навистина разговара со украинскиот премиер Денис Шмихаљ.
И британската министерка за внатрешни работи, Прити Пател, исто така потврди дека разговарала со измамниците кои неуспешно се обиделе да стапат во контакт и со министерката за култура, Надин Дорис.
Волас на снимката е прикажан како зборува од автомобил во Полска, додека другото лице во разговорот вели дека Украина сака да ја подобри својата нуклеарна програма за да се заштити од Москва, на што претходно укажуваа руските државни медиуми.
Откако разговорот беше објавен преку Интернет, се огласи Волас велејќи дека инвазијата врз Украина секако оди многу лошо за Кремљ што се спушта на ниво да произведува монтирани видео-снимки.