Сиднеј ја дочека 2026 година со традиционален огномет, одржан со засилено присуство на полицијата, неколку недели откако вооружени лица убија 15 лица за време на еврејски настан на плажата Бондај.
Околу 40.000 пиротехнички ефекти беа употребени на простор со должина од околу седум километри.
Во Сиднеј се одржа помен за жртвите од нападот во 23 часот по локално време, а Сиднејскиот пристанишен мост беше осветлен во бела боја, додека на неговите столбови беше прикажана менора, симболот на јудаизмот.
– По трагичниот крај на годината за нашиот град, се надеваме дека дочекот на Новата година ќе обезбеди можност да се собереме и со надеж да погледнеме кон мирната и среќна 2026 година, рече градоначалничката на Сиднеј, Кловер Мур, во пресрет на настанот.




