Италијанскиот остров Сардинија е познат производител на „Касу марцу“ (Casu Marzu) – сирење полно живи црви, коешто во 2009 година беше прогласено за најопасно сирење во светот.
Инсектите познати како „Сирни мушички“ (лат.: Piophila casei), полагаат јајца во пукнатините што се создаваат во сирењето, а од тоа потоа се изведуваат црви и го претвораат производот во меко, кремасто сирење. „Касу марцу“, инаку, има интензивен вкус. Некои велат дека тоа е афродизијак, а други – оти би можело да биде опасно за здравјето на луѓето, бидејќи црвите би можеле да бидат предизвикувачи на мијаза, т.е. микроперфорации или мали дупчиња во цревата… Но, досега, наводно, нема потврдени случаи поврзани со јадењето вакво сирење, пишува „Си-ен-ен“.
Ова сирење е заведено како традиционален производ на Сардинија и затоа е локално заштитено. Сирењето е забрането за комерцијална продажба, но жителите на островот го јадат со векови.
– Наездата од црви е шармот и задоволството поврзано со ова сирење, вели Паоло Солинас, гастроном од Сардинија. – Некои луѓе се згрозуваат од самото спомнување на ова сирење, додека други уживаат во него. Некои овчари веруваат дека ова сирење дава уникатно лично задоволство, нешто што само неколкумина можат да го вкусат, истакнува стручњакот.
И во 10 други италијански области има варијација на сирења полнети со црви и свој начин на производство со користење на различни видови млеко. Но, „Касу марцу“, се вели, е суштински дел од културата на храна во Сардинија.
„Касу марцу“ обично се произведува кон крајот на јуни кога тамошното овчо млеко почнува да се менува бидејќи животните влегуваат во нивната репродуктивна сезона, а и тревата се суши од летните горештини. Италијанската влада официјално го смета производството за нелегално од 1962 година, поради законите што забрануваат конзумирање храна загадена со паразити.
Оние кои го продаваат ова сирење може да се соочат со огромни казни – до неколку илјади евра, но, се чини, жителите на островот не се премногу засегнати од таа забрана на нивното омилено сирење.
Фото: Јутјуб, фотоисечок