Анимираниот спот за песната „Еаrth“ (Земја) на комичарот-рапер Лил Дики, за само десетина часа од објавувањето собра над три милиони прегледи на Јутјуб.
Денеска се одбележува Денот на планетата Земја, и песната е посветена на него. Вкупно 32 светски ѕвезди имаат свој удел во овој видеоспот, меѓу кои и Аријана Гранде, Кање Вест, Ед Ширан, Сију, Џастин Бибер, Снуп Дог, Леонардо ди Каприо и други.
– Сè почна како едноставна шега, но се претвори во најважната задача која некогаш сум ја имал, изјави Лил Дики (чие вистинско име е Дејвид Бурд), за списанието „Тајм“.
Натаму, тој откри дека дел од приходите од песната ќе оди за фондацијата на Леонардо ди Каприо, што се занимава со заштита на околината и со кампањи за климатските промени.