Неколку дена порано од вообичаено штркот Клепетан се врати кај својата штрчица Малена во гнездото на покривот од училишната зграда во Бродска Варош во Хрватска, пишува 24 Сата.
Најубавата и ширум светот најпозната птичја љубов доби свое среќно 17-то продолжение.
– Во понеделникот (вчера) попладне, околу 15 часот, бев во дворот и гледам на тревникот зад училиштето два штрка. Го повикав: Клепо дојди, ќе ти даде дедо Стипе риба и месо! И му однесов канта со малку месо. И додека другиот штрк одлета, не поминаа ни минути, Клепетан пријде до кантата и набрзо се изеде, весело заштрака со клунот, одлета на покривот кај својата Малена и веднаш се „оддаде на работа“. Се бакнуваа радосно со клуновите, штракаа, а имаа и парење неколкупати. Среќни тие, среќен и јас, раскажува пензионираниот домар во училиштето, Стјепан Вокиќ.
По негова заслуга, и безграничната грижа, љубовната приказна меѓу Малена и Клепетан трае толку години.
– Откако водеа љубов Клепетан се оддаде на чистење и уредување на своите пердуви, а и на гнездото. Годинава стигна почист од вообичаено, но знае дека покрај својата Малена мора да биде уреден и дотеран. Ако биде среќно како изминатите години, Малена за еден месец ќе снесе јајца, ќе видиме што ќе биде, ама искрено верувам дека традицијата ќе ја продолжат со нивните досегашни 66 потомци, што е светски раритет на љубов и приврзаност на два штрка. Јас ќе морам да одам на риболов, сега е малку проблематично оти е ладно и рибата таму каде што ја има е на дното, а од друга страна и канали има се помалку и Клепетан ќе има доста работа да се нахрани себе, но и Малена, како и малите штркќиња кога ќе се изведат. Малена сега има 32 години. Но, вреден е Клепетан, се ќе биде во ред, вели Вокиќ.
Инаку Малена преку зимата останува згрижена во Хрватска, откако е со повредено крило и не може да лета на југ, а Клепетан 17 години со ред заминува на есен и се враќа на пролет кај својата избраничка.