Албанскиот државјанин Изет Шулку со група планинари викендов од врвот на планината Кораб го симнаа македонското и поставил албанско знаме, објави порталот А1.
„Кораб е на Албанија и таму нема место за македонското знаме“, напиша Шулку на својот фејсбук-профил, пренесе порталот А1.
На врвот Голем Кораб, кој припаѓа на Националниот парк Маврово стои информативна табла со налепница испишана на македонски јазик со надморската височина на врвот – 2.764 метри и дека корабскиот планински масив е во две земји Македонија и Албанија, која Шулку исто така ја искина и ја фрли.
Преземени се мерки од Одделот за компјутерски криминал и утврдено е дека се работи за лице кое не е државјанин на Македонија. Од МВР соопштија:
„Во врска со видеото објавено на социјалните мрежи каде од страна на едно лице на Кораб е симнато македонското знаме и е поставено знаме на Република Албанија, Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека по преземени мерки од страна на Одделот за компјутерски криминал утврдено е дека се работи за лице кое не е државјанин на РСМ. Се преземаат дополнителни мерки за расчистување на случајот, за што јавноста ќе биде соодветно известена“, соопштија од МВР.
Утрово, на Фејсбук од корисници од Македонија, неофицијално, беше објавено дека македонското знаме било вратено на врвот од Кораб.
Видеата од овој настан може да ги погледнете ТУКА и ТУКА.