Силен земјотрес денеска ја погоди густо населената метрополитенска област на Њујорк, соопшти Американскиот геолошки институт.

Институтот извести за земјотресот околу 10 часот по локално време со прелиминарна јачина од 4,8 степени според Рихтеровата скала.

Како што јавува АП, епицентарот на земјотресот бил во близина на градот Либан во државата Њу Џерси.

Податоците на Институтот покажуваат дека земјотресот можеле да го почувствуваат повеќе од 42 милиони луѓе.

Околу 30 минути по земјотресот, противпожарната служба на Њујорк на социјалните мрежи објави дека нема извештаи за материјална штета или повредени.

Земјотресот бил почувствуван и во Балтимор, Филаделфија, Конектикат и други области на североистокот.