Виктор Берард (1864 – 1931) е познат француски општественик, археолог, политичар и дипломат. Познат е по неколку дела, но својата слава ја стекнал со преводот на Хомеровата Одисеја на француски јазик. Во 1896г., отпатувал во Отоманската Империја и потоа напишал неколку книги, меѓу коишто и „Македонија“ во 1900г. и „Турција и современиот хеленизам“ во 1911г.
Во нив, Берард накусо ги опишал странските пропаганди во Македонија кои се одвивале преку црквите на соседните држави и целеле кон припојување на Македонија кон Грција, Србија или Бугарија.
Тој нагласува, меѓу другото, дека учесниците во оваа шема премногу би изгубиле со будењето на репресираното македонско национално чувство.
Hатаму, Берард сведочи и дека, наспроти соседните црковни пропаганди, се појавила изворната, автентична Македонска револуционарна организација која „се потпирала на староседелците Македонци и се борела за самостојно управување во Македонија“ преку создавање своја влада и реформи за подобрување на положбата на македонскиот народ.
Така, Берард во 1904г. забележал:
– „Порано Македонија беше растргнувана помеѓу четири или пет странски пропаганди: српска, бугарска, влашка, грчка… Сите со двоен карактер – националистички и религиозен, барајќи припојување кон Грција, Бугарија или Србија, а потпирајќи се на српската, грчката или бугарската црква.
Овие црковни национализми ѝ го отстапија местото на една федералистичка и револуционерна организација којашто би сакала да се потпре единствено на староседелскиот елемент, таа бара пристоен живот за Македонија и за Македонците, а при непостоење на политички права и привилегии, бара барем административни реформи и посебна влада.”
ИЗВОР: Victor Bérard, “La Turquie et l’hellénisme contemporain”, 1911, p. VIII.
Претходно, Берард забележал:
– „Турците, Грците и Бугарите, муслиманите, православните и расколниците (егзархистите) би изгубиле премногу со будењето на македонското чувство!”.
ИЗВОР: Victor Bérard, “La Macèdoine”, 1900, p. 253.