Литванија ги исклучи сите свои врски со руската електрична мрежа и литванскиот оператор Литгрид објави дека мрежата на оваа балтичка земја ќе работи целосно независно за прв пат во историјата за време на десетчасовно пробно исклучување.
Потребната струја за тоа време ќе доаѓа исклучиво од домашни извори или ќе се увезува од Шведска и Полска, беше соопштено.
Не се очекува потрошувачите да забележат дека се спроведува тестирање.
Литванските власти велат дека минатата година целосно престанале да увезуваат енергија од Русија.
Но, како и Естонија и Латвија, Литванија сè уште е дел од синхронизираната заедничка електрична мрежа со Русија и Белорусија. Станува збор за таканаречен BRELL ринг систем кој потекнува од советската ера.
Тоа значи дека балтичките земји се поврзани со руската и белоруската мрежа и сè уште се зависни од Москва кога станува збор за одржување на стабилноста на електроенергетските системи, а сега тоа претставува безбедносен ризик во Талин, Рига и Вилнус.