Поради неочекувано големо присуство на граѓаните и покрај забраните и препораките, на манифестацијата, на која популарниот актер Џералд Батлер го запали олимпискиот оган во грчкиот град Спарта, од грчкиот Олимписки Комитет соопштија дека го прекинуваат штафетното предавање на олимпискиот оган низ Грција и директно, следниот четврток, ќе им биде предаден на организаторите на ЛОИ во Токио, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Комитетот велат дека и покрај постојаните препораки до граѓаните да не се собираат на местата каде што ќе помине олимпискиот оган, сепак во Спарта имало голем одѕив од граѓаните и затоа донеле „тешка, но неизбежна одлука да се откаже останата програма на штафетното предавање на грчка територија“.
-Одлуката беше донесена во согласност со Министерството за здравство и со Меѓународниот Олимписки комитет со длабоко чувство на одговорност, бидејќи јавното здравје е најважното добро, а во овие тешки моменти потребен е разумен став од сите страни, соопштуваат од грчкиот Олимписки комитет.
Популарниот актер Џералд Батлер, кој ја играше главната улога – Леонидас, во филмот „300“, беше дел од штафетното предавање на олимпискиот оган во грчкиот град Спарта и веднаш по палењето извика „This is Sparta“.
Предавањето на олимпискиот оган на организаторите „Токио2020“, ќе се одржи регуларно, на Олимпискиот стадион во Атина на 19 март 2020, но без публика.
Олимпискиот оган беше вчера запален во античка Олимпија и беше планирано преку 31 грчки град да стигне до Олимпискиот стадион во Атина.