Европската унија нема други планови ако во британскиот Парламент не се усвои договорот за брегзит, освен моментните подготовки за напуштање на Велика Британија без постигнат договор.
Тоа го нагласува висок претставник од Европската унија.
Запрашан за тоа дали во Брисел се подготвувале на можноста за нови преговори, официјалниот претставник вели дека „единствениот план Б“ е подготовка за сценарио без договор.
Тој додава дека европските челници денеска не разговарале за тие подготовки и со британската премиерка Тереза Меј не е разговарано за последиците од можно одбивање на договорот со гласањето во Лондон што се очекува пред самитот на ЕУ на 13 и 14 декември.
Анонимниот претставник отфрла постоење несогласувања меѓу европските челници за можни нови преговори со Британија.
– Постои заедничко разбирање дека она што е на маса е единствен можен договор земјаќи ги предвид ставовите на Обединетото Кралство, вели тој отфрлајќи можност и за дополнителни преговори.