Со високи температури од жолта (алертна) фаза и денеска ќе биде зафатена територијата на целата држава.
Комисијата за следење на состојбата и ефектите од високите температури при Министерството за здравство апелира граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури и да се заштитат од директна сончева изложеност, да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, да носат светла и лесна облека, а при директна изложеност на Сонце да носат заштитни очила и капа, доколку е можно во светли бои кои ја рефлектираат светлината.
Се препорачува консумирање лесна храна и течности, посебно да се внимава при подготовка и консумирање на храната, како и избегнување термички необработени производи, на пример мајонези од домашни јајца и внимателно да се консумира сладолед и разни кремови. Потребно е внесување поголемо количество течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
Во текот на ваквите екстремно топли денови, се препорачува граѓаните да останат во затворени простории, пред се климатизирани, а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка. На хронично болните лица им се препорачува редовно земање на пропишаната терапија.