Многумина од оние кои што својот живот го посветиле на елиминирањето на неправдата, едноставно го отфрлаат учењето на Исус за ненасилство како непрактичен идеализам, објаснува отец Ивица Тодоров.
„Заврти го и другиот образ“ сугерира пасивниот, понижувачки христијански квалитет кој од многумина христијани направил кукавици и соучесници при соочувањето со неправдата. Изразот „Не се противете на злото“ се чини дека ги разурнува темелите на секое спротиставување на злото и дека налага потчинетост. Да се „оди две милји“ со некого, станала излитена фраза којашто не значи ништо друго туку „жртвувај се“ и, наместо да поттикнува на структурални промени, таа попрво ја охрабрува соработката со угнетувачот.
Исус очигледно не се однесувал на ниту еден од споменатите начини. Која и да е причината за недоразбирањето, јасно е дека тоа не е ниту Исус, ниту Неговото учење коешто, кога коректно ќе се слушне во изворниот општествен контекст, најверојатно претставува едно од најреволуционерните политички изјави коишто се искажани кога и да е:
„Сте слушнале дека е речено: Око за око, заб за заб! Јас, пак, ви велам: да не се противите на злото. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот. А оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и горната облека. И ако некој те тера да одиш со него една милја, ти оди две“ (Матеј 5:38-41).
Кога дворските преведувачи, кои што го преведувале Светото Писмо по налог на кралот Џејмс (Кинг Јамес), одлучиле да го преведат зборот антистēнаиа како „не противете се на злото“, тие не само што го превеле од грчки на англиски, туку направиле и чекор повеќе. Тие „ненасилниот отпор“ го превеле како „покорност“. Исус не им рекол на Своите угнетени слушатели да не му се противат на злото. Тоа би било апсурдно. Целата Негова служба е сосема различна од таквата бесмислена идеја. Споменатиот грчки збор се состои од два дела: анти, збор кој и денес се употребува во смисла „против“, и хистēми, глагол кој во својата именска форма (стасис) значи насилен бунт, вооружен отпор, остро разидување. Во грчкиот превод на Стариот Завет зборот антистēнаиа главно се користи за означување на воени судири, и тоа 44 пати од вкупно 71. Тој особено се користи за означување судир на две војски, челик со челик, сè додека едната страна не биде победена и не се повлече. Во Новиот Завет тој термин се користи кога се опишуваат Варава, бунтовникот „кој извршил убиство во една буна“ (Марко 15:7; Лука 23:19, 25), и граѓаните на Ефес, кои биле во „опасност да бидат обвинети за бунт“ (Дела 19:40). Терминот, општо земено, се однесува на предизвикување немир со потенцијална опасност по живот, или за вооружена револуција.
Правилен превод на Исусовото учење би бил: „Не возвраќај на злото (или на оној кој ти направил зло) со иста мера“. „На насилство не одмаздувај се со насилство.“ Мошне интересен е преводот даден во т.н. Схолар Версион: „Не реагирајте насилно против оној кој е зол“. На спротиставувањето на злото Исус се посветувал во иста мера со која се посветувале и борците на отпорот против Римјаните. Разликата била единствено во начинот на таа борба: како некој треба да се бори против злото.
Општо земено, постојат три одговори на злото: (1) пасивност, (2) насилно спротиставување, и (3) трет начин на воинствено ненасилство, промовиран од Исус Христос. Развојот на човештвото нè ограничил на првите две реакции: или бегај, или бори се. „Бори се“ е извикот на Галилејците коишто неуспешно се побуниле против Римјаните само две децении пред Исус да го даде Својот одговор. Исус, и многумина од Неговите слушатели, сигурно и самите ги виделе некои од двете илјади нивни сонародници како висат на крст, распнати покрај патиштата од страна на Римјаните. Сигурно ги познавале и некои од жителите на Сефорис (место оддалечено три милји северно од Назарет) коишто биле продадени во ропство бидејќи им помагале на востаниците при нивниот напад на еден римски воен логор. Некои, исто така, сигурно ги доживеале и стравотиите на војната против Римјаните во 66-70 години по Христа, една од најужасните војни во човечката историја.
Ако опцијата „бори се“ не претставувала повик за нив, тогаш единствената нивна алтернатива била “бегај“: пасивност, потчинетост или, во најдобар случај, пасивно-агресивна непослушност во извршувањето на наредбите. За нив не постоел трет пат. Потчинетост или револт се изрази со кои се исцрпува речникот на нивните алтернативи на угнетувањето.
Сега можеме малку подобро да видиме зошто верните учени на кралот Џејмс го превеле антистēнаи како „не противете се“. Кралот не сакал луѓето да заклучат дека имаат право на какво било спротиставување на неговото неправедно владеење, како и на неправедното владеењето на кој било друг владетел. Така, населението мора да биде уверено дека постојат две и само две алтернативи: бегство или борба. Или се спротиставуваме, или не се спротиставуваме. А согласно толкувањето на луѓето на кралот Џејмс, Исус ни заповеда да не се спротиставуваме. Се чини како Исус да сака да го дозволи монархискиот апсолутизам. Потчинувањето е Божја волја. И мнозина денешни преведувачи покорно го следат тој пат.
Но, ниту една од овие алтернативи нема ништо заедничко со она што го предлага Исус. Важно е да бидеме сосема јасни во врска со ова, пред да продолжиме понатаму: На Исус Христос му се одвратни и пасивноста и насилството како одговор на злото. Неговата трета алтернатива речиси и не е допрена со овие две опции. Антистēнаи не може да се толкува како покорност.
Исус го појаснува значењето на овој термин преку три кратки примери. „Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот.“ Зошто десниот образ? Како некој човек воопшто може да удри друг по десниот образ? Обидете се да го сторите тоа. Ударот со десната рака, во нашиот десничарски свет, би завршил на левиот образ на противникот. За да го удриме по десниот образ, би требале да ја користиме левата рака, но во јудејското општество левата рака била користена само за нечисти работи. Во Кумран дури и обичен гест со левата рака се казнувал со исклучување и со десетдневна казна (Свитоци од Мртвото Море, 1ЉС 7). Единствениот начин некого да го удрите со десната рака по десниот образ е да го сторите тоа не со дланката, туку со надворешната страна од раката. Тоа со што се среќаваме тука, без сомнение, е навредувањето, а не самото удирање шлаканици. Намерата не е да се нанесе болка, туку да се понижи оној што го удираме, односно да се постави „каде што му е местото“. Нормален човек не му удирал шлаканица на оној што му е рамен, а доколку сепак го сторил тоа, казната била несразмерно голема (казната за удирање шлаканица на човек со еднаков ранг изнесувала 4 зузи, а за удирање со тупаница 400 зузи; но никаква казна не била пропишана за шлаканица со надворешната страна од раката; Мисхнах, Баба Љамма 8:1-6. Удар со надворешната страна од раката претставувал нормален начин за предупредување на подредените. Господарот на тој начин ги удирал робовите; мажот – жената; родителите – децата; момчињата – девојките, Римјаните – Евреите. Тоа се случувало во општество со нееднакви односи, во кое секој обид за одмазда би значел потпишување на смртна пресуда. Единствениот нормален одговор бил кукавичка покорност.
Важно е да се запрашаме кој бил аудиториумот на Исус. Во секој случај, Исусовите слушатели не биле оние што удираат, што покренуваат обвиненија или што наметнуваат присилна работа, туку нивните жртви („Ако некој те удри… ако сака да се суди со тебе… ако те присилува да одиш една милја…“). Меѓу Неговите слушатели имало луѓе коишто претрпеле такви понижувања, луѓе коишто биле принудени да го потиснуваат својот внатрешен гнев поради нехуманиот однос наметнат од хиерархискиот систем на касти и на класи, на раси и на полови, на старосно доба и на статус, и како резултат на империјалистичката окупација.
Зошто тогаш Исус им советува на тие веќе понижени луѓе да го свртат и другиот образ? Затоа што таквата постапка го лишува угнетувачот од власта да понижува. Човекот кој го свртува другиот образ, всушност, вели: „Обиди се повторно. Твојот прв удар не успеа да го постигне саканиот ефект. Јас негирам дека имаш сила да ме понижиш. Јас сум човечко битие какво што си и ти. Твојот статус не го менува тој факт. Ти не можеш да ме понижиш.“
Таквиот одговор би му создал големи проблеми на оној што ударал шлаканица. Гледано чисто логички, што можел тој да направи? Не можел да го употреби надворешниот дел од десната рака, бидејќи му бил свртен другиот образ. Впрочем, тој не можел да ја употреби ниту левата рака. Доколку ја употребил дланката, го ставал човекот во подеднаква положба, признавајќи го рамен на самиот себе. Меѓутоа, сета смисла на удирањето со надворешната страна од раката била нагласувањето на класниот систем и нееднаквоста институционализирана од таквиот систем. Дури и да било наредено камшикување, намерата била остварена. Угнетувачот, противно на својата волја, бил принуден да го смета потчинетиот како човечко битие рамно на себе. На моќниот му била одземена моќта да ги дехуманизира другите. Таквиот одговор, кој е далеку од величањето на пасивноста и на кукавичноста, е чин на непокорност и прв чекор кон Исусовото активното ненасилство!
Извадок од книгата: „Исус и ненасилството“ Валтер Винк
Преземено од отец Ивица Тодоров