Кина е целосно способна да наметне поморска блокада на Тајван, призна командантот на седмата американска флота, вицеадмирал Карл Томас, во интервју за Волстрит Џурнал објавено во понеделникот, пренесува РТ.

– Тие имаат многу голема морнарица и ако сакаат да малтретираат и да постават бродови околу Тајван, тие баш можат да го направат тоа – рече адмиралот.

Кина веќе создаде голема и модерна морнарица, изјави Томас, при што бројот на воени бродови со кои располага Пекинг продолжува да расте брзо. Адмиралот рече дека, сепак, не знае дали Кина се обидува да преземе каква било акција против Тајван, без разлика дали преку сеопфатна инвазија или поморска блокада.

Во меѓувреме кинеските власти остро ги критикуваа изјавите на американскиот претседател Џо Бајден во врска со Тајван, а Пекинг веќе му испрати на Вашингтон жесток одговор, изјавија во понеделникот од кинеското Министерство за надворешни работи предупредувајќи да не им се испраќаат „лажни сигнали“ на сепаратистите.

„Изјавите на американската страна грубо го кршат принципот на ‘Една Кина’ и одредбите од трите заеднички коминикеа меѓу Кина и САД, сериозно ја нарушуваат важната обврска на САД да не ја поддржуваат независноста на Тајван и испраќаат лажен сигнал до сепаратистичките сили за независност на островот“, изјави на редовниот брифинг во Пекинг, портпаролката Мао Нинг.

Претходно Бајден во интервју за американската телевизиска мрежа CBS News изјави дека САД ќе го бранат Тајван доколку Пекинг се обиде да започне воен конфликт во регионот „ако дојде до напад без преседан“. Притоа истакна дека Вашингтон не ги охрабрува аспирациите на Тајван за независност од Кина, и покрај тесната соработка со островот.

По снимањето на интервјуто, од CBS побарале од Белата куќа да ја коментираат изјавата на Бајден. Портпарол на администрацијата на американскиот претседател одговорил дека политиката на Вашингтон кон Тајван не е променета.

Минатата седмица телевизијата CNN, повикувајќи се на заменикот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA), Дејвид Коен, објави дека кинескиот претседател Кси Џинпинг наводно му дал инструкциите на воениот врв да разработи стратегија за воспоставување воена контрола над Тајван до 2027 година.