Американскиот специјален пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф денеска изјави дека ќе отпатува во Саудиска Арабија за да разговара со украинските власти за прекин на огнот со Русија.
„Сега сме во разговори за координирање на состанокот со Украинците во Ријад, па дури и потенцијално во Џеда“, рече Виткоф.
Тој рече дека целта на состанокот е да се создаде рамка за мировен договор и првичен прекин на огнот, објави британски Телеграф.
Американските медиуми претходно објавија дека американскиот државен секретар Марко Рубио и други официјални лица ќе отпатуваат во Ријад во вторник и ќе се сретнат со Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во меѓувреме, Зеленски на социјалната мрежа Х изјави дека „украинските и американските тимови продолжуваат да работат и се надеваат дека ќе имаат значаен состанок следната недела“, пренесува Танјуг.