Специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, денеска изјави дека постојат индикации дека Техеран е заинтересиран за постигнување договор за прекин на конфликтот.

На состанокот на владиниот кабинет Виткоф потврди дека САД презентирале план од 15 точки како рамка за мировен договор и додаде дека на почетокот на преговорите било сосема јасно дека Иран нема да се согласи на договор што би ги исполнил целите на Вашингтон, пренесува Скај њуз.

„На крајот, му кажавме на Иран уште една работа: немојте повторно да проценувате погрешно“, истакна Виткоф и го повтори претходното тврдење дека иранските преговарачи ѝ кажале на американската страна дека имаат доволно ураниум за „11 атомски бомби“.

Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс ги повтори тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека иранската војска е уништена и додаде дека ова им дава опција на САД да дејствуваат. Како што наведе, ова се „опции што ќе обезбедат Иран никогаш да не добие нуклеарно оружје“.

Американскиот потпретседател оправдувањето за конфликтот го темели на заканата од иранската нуклеарна програма.

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека верува оти земјите ширум светот, дури и оние кои сега малку се жалат, всушност треба да им бидат благодарни на САД и дека војната против Иран е потег во корист на светот, со цел да се спречи Иран да се здобие со нуклеарно оружје.

Американскиот претседател на почетокот на средбата изјави дека САД ја добиваат војната против Иран и дека Иран бара договор за прекин на војната.

„Во текот на изминатите три недели, ги удиравме воените капацитети на Иран на ниво што малкумина го виделе досега. Тие молат за договор. Не јас“, рече Трамп на состанокот на кабинетот.

Трамп додаде дека Иранците се „лоши борци, но се одлични преговарачи“.