Авиокомпанијата Визер попладнево соопшти дека авиолиниите од Скопје до Ваксјо и Барселона и од Охрид до Лондон се оптимизирани според барањата на пазарот и ќе бидат функционални само во летната сезона.
– Наскоро, авиокомпанијата ќе го објави летниот распоред за 2019 година и патниците ќе можат веќе да ги планираат своите патувања и да ги резервираат своите карти на Виз рутите од Македонија, се наведува во изјавата од авиокомпанијата.
Оттаму посочуваат дека вообичаена пракса во авионската индустрија е фреквенциите на летовите да се менуваат според патните периоди и перформансите на рутите и оти Визер постојано ги следи перформансите на своите рути за да овозможи најпопуларните дестинации да имаат најниски цени.
– Визер ја нагласува својата посветеност на македонските корисници преку постојано проширување на својата мрежа со ниски цени и создавање на повеќе достапни туристички патувања од аеродромите во Скопје и Охрид. Визер во моментов нуди 30 рути до 14 земји со капацитет од 1,6 милиони седишта, остварени во продажба во 2018 година, што претставува раст од 23 проценти во споредба со 2017 година. Оваа година, авиокомпанијата го зголеми капацитетот на своите седишта со замена на два ербас А320 авиони од локалната флота со два нови ербас А321 и најави една нова рута од Охрид до Виена, која започнува во ноември, информираат од авиокомпанијата.
На официјалната веб страница на авиокомпанијата не може да се резервираат билети од Скопје до Барселона и Ваксјо и од Охрид до Лондон. Последниот лет од Скопје до Барселона за кој може да се резервира билет е 26 октомври, а од Охрид за Лондон 24 октомври. По 16 септември веќе не можат да се купат и билети за летовите од скопскиот аеродром до Ваксјо во Шведска.
Визер беше единствената компанија која се пријави на тендерот за доделување на субвенции за нискобуџетски компании што беше поништен минатата недела.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска најави дека ќе биде објавен нов тендер за финансиска поддршка на нискобуџетски летови.