Унгарската авио-компанија „Wizz Air“ ги предупредува патниците денеска да пристигнат на аеродром најмалку три часа пред нивниот лет бидејќи се очекуваат потенцијални прекини поради тековниот проблем на глобалните ИТ системи.
Како што информираа од „Wizz Air“, може да има прекини низ мрежата бидејќи услугите на веб-страната и мобилните апликации привремено се недостапни.
– За време на прекинот, достапно е бесплатно пријавување на аеродромот. Затоа, ги советуваме патниците да пристигнат на аеродромот најмалку 3 часа пред закажаното време на поаѓање за да овозможат доволно време за пријавување, безбедносна контрола и здравствени и безбедносни процедури специфични за аеродромот, стои во соопштението од „Wizz Air“.
Помеѓу услугите што во моментот не се достапни се веб-страницата и мобилната апликација на Wizz Air, системот за резервации, онлајн системот за пријавување и прикажување на картата за патување и контакт центри – нови резервации и промени на постоечките.
Поради голем ИТ дефект денеска светските авиокомпании, аеродромите на најмалку четири континенти, здравствените системи, банките, телекомуникациите, медиумите и други компании, институции и организации се соочуваат со потешкотии во работата.
Сè поголем број влади и институции тврдат дека зад големиот технолошки дефект што ги погоди компаниите и системите ширум светот, не стои хакерски напад, а виновникот го наоѓаат во софтверот на компанијата за кибер безбедност CrowdStrike.
Фото:МИА архива