Германската Влада ќе издвои четири милијарди евра до 2026 година за зајакнување на здравствената заштита, што федералните држави ќе треба да ги инвестираат во ангажирање на повеќе вработени, дигитализација и развој на одржливи структури, јави Дојче веле.
На прес-конференција за презентација на договорот постигнат синоќа меѓу федералната Влада и владите на сојузните држави, министерот за здравство Јенс Шпан рече дека овој „Пакт за јавно здравје“ ќе создаде најмалку 1.500 нови работни места до крајот на 2021 година.
– Целта е да може да се создадат најмалку 5.000 нови работни места за лекари, квалификуван персонал и административен персонал во областа на јавното здравство до крајот на 2022 година, односно дополнителни 3.500, за што ќе бидат издвоени повеќе од три милијарди евра, рече Шпан.
Уште 800 милиони од пакетот ќе бидат инвестирани во дигитализација за да има меѓусебно поврзан систем на современи здравствени оддели на сите нивоа.
Шпан исто така ги истакна инвестициите од 50 милиони евра за меѓународните аеродроми и пристаништа, опремени со специјална опрема според меѓународните здравствени регулативи, како што се Франкфурт, Минхен, Берлин и Дизелдорф во првиот случај и Хамбург и Бремен во вториот.
– Помошта ќе им биде дадена на федералните провинции во шест транши до 2026 година, истакна Шпан.