Од денешната седница произлезе и задолжувањето за сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции кои имаат свои седишта или подрачни единици на подрачјето на Општина Куманово, како и укажувањето на Општина Куманово и јавните претпријатија и другите правни лица основани од Општина Куманово, да ги редуцираат своите капацитети и да воведат посебни мерки за заштита, со цел поголем број на лица да бидат изолирани во овој период.
Исклучок од оваа мерка се вработените лица од Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана – Армијата на Македонија, од јавните здравствени установи, како и вработените во територијалните противпожарни единици на подрачјето на Општина Куманово.
Почнувајќи од 22 април 2020 година (среда), се воведува мерка за забрана за движење на населението на подрачјата на општините Куманово, Тетово и Прилеп, без носење на соодветна заштитна опрема (маска, шал, марама и сл.), надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници или сл.
За оваа цел, се задолжува Министерството за здравство да подготви и за наредната седница на Владата да достави уредба со законска сила во која правно ќе го нормира ова прашање, начинот на имплементирање, користење, потребната заштитна опрема, како и да се уреди прашањето на минимум задолжителната количина (резерва) што производителите на маски треба да ја имаат за потребите на државните институции. Во уредбата да се предвиди дека обврската за носење на заштитна опрема ќе се применува на територијата на Македонија, но по извесен период.
Владата одлучи да им се препорача на сите граѓани во Република Северна Македонија, а особено на оние што живеат на подрачјата на општините Куманово, Прилеп и Тетово, согласно одлуките, мерките и препораките на Владата, да го редуцираат излегувањето од своите домови, тоа да го прават само од најнеопходни причини, односно заради одење на своите работни места, како и излегување од својот дом на само еден член од семејството заради купување на намирници и лекови од маркетите и аптеките.
Владата го задолжи Министерството за здравство да определи едно лице како точка за комуникација и координација на дневна основа со сите здравствени установи во Општина Куманово (заради потребите на пациентите кои се лекуваат во Општата болница Куманово, нивно трансферирање во друга здравствена установа, организациски работи на здравствените установи и други тековни прашања за време на овој период).
Задолжение доби и Министерството за внатрешни работи, во соработка со општинските штабови за заштита и спасување, најдоцна до 21 април 2020 година (вторник), да подготват посебен оперативен план за присуство и дејствување на припадниците на полицијата во подрачјата на општините Куманово, Прилеп и Тетово, преку користење на засилени патроли и засилено присуство на полицијата, користење на мегафонска опрема од полициските возила на јавните места и површини, со цел контрола над почитувањето на одлуките, мерките и препораките донесени од Владата на Република Северна Македонија.
Се задолжува Министерство за здравство, дел од донациите на заштитна опрема кои Македонија ги има добиено до овој момент, да бидат дадени на здравствените установи во општините Куманово, Прилеп и Тетово.
Владата донесе одлука дека од вторник се забранува организиран превоз на патници односно забрана за влез и излез во и од подрачјето на Општина Тетово и сите околни општини.
Исклучок од оваа забрана е организираниот превоз што го вршат економските оператори за своите вработени лица до работните места, како и организираниот превоз на вработените лица во Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана – Армијата на Македонија, како и вработените во територијалните противпожарни единици во овие општини.
Согласно ова, Владата донесе Одлука за дополнување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територија на Македонија.
Се задолжува Министерството за одбрана да определи едно лице кое ќе биде на дневна основа во комуникација со Oпштинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово, со цел одржување на функционална и ефективна работа на овој штаб.
Со цел поголемо почитување на мерките и намалување на потребата од воведување нови рестрикции, на оваа седница Владата го задолжи Министерството за правда да подготви и за наредната седница на Владата да достави уредба со законска сила во која правно ќе се нормира начинот и изрекувањето на мандатни казни (со фотографска документација од местото каде граѓанинот е затекнат), како и висината на истите, кон сите физички и правни лица кои нема да ги почитуваат одлуките, мерките и препораки на Владата на Македонија кои се однесуваат на групирање на јавни места и површини на повеќе од две лица (за групирање над 5 лица да се смета за кривично дело и да има кривична одговорност) и за непочитување на минимум потребното растојание од два метри и неносење на заштитна опрема.
Владата заклучи да се измени заклучокот под реден број 1 од точка 1 од Извадокот од Нацрт – записникот од Триесет и деветтата седница на Владата на Македонија одржана на 16 април и истиот да гласи:
– Се задолжува Министерство за финансии, а се препорачува на Народна банка на Македонија, во заедничка соработка да ја разгледаат можноста за изнаоѓање начини и подготовка на предлог – уредба со законска сила, во насока на задолжување на деловните банки во рок од еден месец да воведат нови финтек апликации со кои значително ќе се намали интеракцијата и бирократските процедури за граѓаните, како и за микро, мали и средни компании.
– Се задолжува Министерството за финансии, во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација да предвиди конкретни предлог – мерки со кои банките ќе можат да го стимулираат менувањето на навиките на граѓаните, ќе се софистицираат процесите и ќе се преиспита начинот на издавање на документацијата и на самата документација при барањата за кредитирање и исплати (поевтини токени, дигитални идентификација и сл.).
Владата го задолжи Министерството за финансии, а се препорачува на Народната банка на Македонија во заедничка соработка да го уредат прашањето за деловните банки задолжително да ги поврзат пос терминалите во економските оператори со фискалните каси.
Министерството за финансии има задолжение да подготви и за наредната седница на Владата да достави уредба со законска сила со која правно ќе се нормираат обврските на банките во поглед на обврската за носење на заштитна опрема на вработените лица и начинот на имплементирање, број на лица во објектите согласно квадратурата на објектот, одржување на редот во и пред објектите и др.
Се задолжува Министерството за економија да подготви и за наредната седница на Владата да достави уредба со законска сила со која правно ќе се нормира обврската за носење на заштитна опрема на вработените лица во економските оператори (дуќани, маркети, аптеки и сл.) и начинот на имплементирање, број на лица во објектите согласно квадратурата на објектот и др.
Министерството за финансии, во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика да подготват и до Владата да достават соодветен протокол за вршење на исплатата на пензиите.
Владата го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација да подготви и за наредната седница на Владата да достави уредба со законска сила во која правно ќе нормира обврска на сите телевизии и радија да обезбедат емитување на информативни пораки (подготвени од Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија во врска со КОВИД-19) во времетраење од 2-3 минути на секој час на радио и телевизиските програми.
На оваа седница се заклучи да им се препорача на сите вработени лица во органите на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, како и се укажува на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, како и на вработените лица од приватниот сектор да ја преземат (инсталираат) мобилната апликација „Стоп корона!“.
За оваа цел, се укажува на Фондот за здравствено осигурување на Македонија да ги задолжи сите матични лекари на територијата на Македонија на своите пациенти да препорачаат преземање (инсталирање) на мобилната апликација „Стоп корона!“
Воедно, се задолжува Службата за односи со јавност на Владата на Македонија да направи интензивен план за медиумско информирање на оваа мобилна апликација, со цел успешно спроведување и почитување на одлуките, мерките и препораките на Владата.
Исто така, Се задолжува Министерството за информатичко општество и администрација да предложи дополнителни стимулативни мерки за лицата кои ќе ја преземат (инсталираат) мобилната апликација „Стоп корона!“.
Министерството за информатичко општество и администрација да подготви и за наредната седница на Владата да достави протокол и анализа со која ќе се регулира систем на набавка на прехранбени продукти и лекови, од страна на само еден член од семејство/домаќинство.
Владата го задолжи Министерството за здравство да подготви и за наредната седница на Владата да достави предлог – уредба со законска сила која правно ќе се нормира прашањето во однос на воведување на задолжителна самоизолација за сите граѓани кои вршат тестирања за КОВИД-19, најмалку до моментот на добивање на резултатот, согласно епидемиолошката анкета.
Во врска со овие заклучоци, одлуки, препораки и мерки, Владата го задолжи Секторот за односи со јавност на Владата на Македонија да започне со засилена и унифицирана медиумска кампања за сите донесени одлуки, мерки и препораки на Владата на Македонија во врска со коронавирусот КОВИД-19.
На оваа своја седница Владата ја разгледа и усвои Информација за исплата на пензии за април 2020 година, и го задолжи Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 23.04.2020 година.
Како заклучок во врска со исплатата на априлските пензии, Владата заклучи да им препорача на деловните банки од петок 24.04.2020 година да обезбедат пензионерите со априлските пензии да може да располагаат преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа.
Како дополнителен заклучок им се препорачува на деловните банки преку филијалите и експозитурите на банките да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:
– Во понеделник, на 27.04.2020 година исплата на пензии со висина до 11.000 денари;
– Во вторник, на 28.04.2020 година исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари;
– Во среда, на 29.04.2020 година исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари;
– Во четврток, на 30.04.2020 година исплата на пензии во висина над 18.000 денари.
На оваа седница Владата ја разгледа информацијата и ја усвои Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за условите и критериумите за репласирање на средствата од компензационите фондови со која се утврдуваат условите за директно кредитирање на деловни субјекти погодени од коронавирусот за репласирање на средствата од компензационите фондови, во насока на обезбедување средства во износ од 492.000.000 денари за директно кредитирање на микро, мали и средни компании чија економска дејност е погодена од коронавирусот, преку Развојната банка на Македонија.
Во врска со оваа одлука, Владата ја задолжи Развојната банка на Македонија да објави Јавен повик на кој ќе можат да аплицираат микро, мали и средни компании чија економска дејност е погодена од коронавирусот, во согласност со условите предвидени во Одлуката, и да ги испита можностите за уредување на доставата на документите од Централен Регистар и Управата за јавни приходи за кредитобарателите, во насока на олеснување и/или координација и заедничка комуникација и насочување на кредитобарателите.
На денешната седница Владата ја донесе Уредбата со законска сила за формирање на фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД -19
Со оваа уредба со законска сила се уредува формирањето, финансирањето, како и намената на средствата на Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД-19.
Средствата собрани во Фондот, ќе се користат за финансиска поддршка на економските мерки за помош и поддршка на микро, малите, средните и големите претпријатија во надминување на економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19.
Генерален секретаријат на Влада