Владата ќе ги замрзне цените на хигиенските производи, со одредување највисока цена по која може да се продаваат до 30 мај.
Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека станува збор за тоалетната хартија, влажните марамчиња, детските и пелените за возрасни и за хигиенските влошки. Горната граница ќе биде намалување за 13 отсто од цените што биле во трговија во мало на 20 март годинава.
Бектеши беше дециден дека одлуката се носи врз основа на детални анализи. Тој претходно рече дека Владата е подготвена да се откаже од ДДВ за овие производи, но за тоа треба да одлучи Собранието.
– Зошто го напоменувам овој данок, бидејќи во собраниска процедура од пред една година имаме поднесено законско решение за овие производи за да се реши долгорочно даночното намалување на овие производи, односно ДДВ од 18 да се намали на 5 проценти. Но, до ден-денес не е свикана Комисијата за финансирање и буџет, за да се донесе тоа законско решение, додаде Бектеши.
Според анализите на Министерството за економија од 1 до 24 март годинава, цената на тоалетната хартија се движела од 94,8 до 205 денари и на оваа цена кога ќе се пресмета и ДДВ, би се движела од 111,8 денари до 241,9 денари. Повеќето од сите овие производи, односно 85 проценти се увозни. Цената, пак, на влажните марамчиња во просек се движела од 94,6 денари во јануари, 94,5 во февруари и 83,2 денари во март 2023 година, а царинска стапка за увоз е 6 проценти, без вклучен ДДВ. За пелените цената се движела од 36 денари за парче до 1.600 ден по кутија со многу пакувања и тука не е вклучен ДДВ.