Владата на денешната 117 седница донесе препорака според која, ќе се локализираат спортските канали на официјалните јазици во државата а кои се реемитуваат преку кабелските оператори кои ќе треба да воведат коментатори на македонски и албански јазик, официјалните во државата.
Ова значи дека по 31 декември оваа година, Спортклуб и Аренаспорт ќе мора да се приспособат на одредбите од Конвенцијата на ЕУ за прекугранична телевизија и да ги емитуваат спортските медиумски сервиси на македонски и на албански јазик.
„На оваа своја седница, врз основа на Извештајот на Работната група за изнаоѓање начин за регулирање на јазично покривање на македонски и албански јазик на спортските канали кои се реемитуваат на територијата на Република Северна Македонија, Владата им препорача на сите радиодифузери што реемитуваат спортски содржини на територијата на Република Северна Македонија, најдоцна до 31 декември да започнат да ги имплементираат одредбите од Конвенцијата на ЕУ за прекугранична телевизија и да ги емитуваат спортските медиумски сервиси на македонски и на албански јазик“ – објави Владата по завршувањето на 117 седница.