Се уште не се почнати тендерските постапки за набавка на специјални камиони и контејнери со кои ќе се превезува отпадот од 18-те општини од источниот и североисточниот регион до светниколското село Мечкуевци, каде што до 2022 година треба да се отвори првата регионална депонија во земјава.
Државниот секретар во Министерството за животна средина Ана Петровска на денешната конференција „Општините без отпад“ во Штип потврдува дека се доцни со овие постапки, кои требаше да стартуваат на почетокот на годината.
– Не се се уште распишани, тие се во Министерството за финансии. Во Министерството за финансии во овој момент има зголемен обем на работа. Ние имаме координации, многу често и со Министерството за финансии и со ЦЕФЦЕ и со европската делегација и сметам дека многу бргу ќе ги отвориме овие тендери и ќе продолжи набавката, рече Петровска.
Отворањето на регионалните депонии го презеде централната власт, токму поради ова општините од источниот и североисточниот регион повторно треба да дадат согласности за отворање на ваков регионален систем.
Петровска посочи дека општините Ранковце и Свети Николе имаат отворени прашања, односно барања пред отварањето на депонијата.
Општина Ранковце бара трансфер-станицата да не биде во близина на населено место но, како што вели Петровска, според европската регулатива дозволено е ваквите станици да се на растојание од 500 метри воздушна линија од населено место.
Општина Свети Николе, пак, бара специјалните камиони со отпад да не минуваат низ нивниот град.
– Ние работиме на тоа. Наредната недела излегуваме на терен со надлежни лица се со цел да го избегнеме тоа тесно грло на внес на отпад од други општини во градот Свети Николе, рече Петровска.
Пратеничката и претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска истакна дека современиот третман на отпадот е важен од две причини.
– Едната е да се обезбеди повисок квалитет на живот на граѓаните. Значи, во чисти хигиенски услови, а од друга страна важно е и од економски аспект. Затоа што современиот третман на отпад спаѓа во зелената економија и овозможува отворање огромен број нови зелени работни места. Веруваме дека тоа се важни приоритети за Македонија, рече Поповска.
Градоначалникот на Штип Благој Бочварски истакна дека локалната власт го поддржува проектот за отворање современа регионална депонија во селото Мечкуевци.
Источниот и севроисточниот регион ја почнаа постапката за отворање регионална депонија пред осум години, одбивјаќи го јавното-приватно партнерство во интерес на стандардот на граѓаните. Над 30 милиони евра треба да чини проектот, кој се реализира преку грантови од ЕУ. Крајниот рок за отворање регионална депонија е 2022 година. Денешната конференцијата во Штип „Општините без отпад“ е организирана од Зелениот институт, ДОМ и Биро д Хелинг.