Владата ги усвои нацрт-амандманите на Уставот на Република Македонија и ги достави до Собранието, а оттаму веќе ја закажаа пленарната седница на 1 декември, додека седницата на собраниската Комисија за уставни прашања ќе ја започне својата работа на 7 ноември.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија вчера соопштија дека по проверката, нацрт текстот на амандманите ќе биде испратен до сите пратеници.
Два од нацрт-амандманите се однесуваат на замена на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот, освен во членот 36 каде има историски аспект, а во Преамбулата на Уставот се заменуваат одлуките на АСНОМ со Прогласот од Првото заседание на АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор да биде конститутивен елемент на државата. Во третиот амандман се додава само еден став, а тоа е Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави, додека во четвртиот амандман, покрај потврдување на македонскиот идентитет, стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.
Премиерот Зоран Заев, кој вчера на прес-конференција ги обелодени нацрт-амадманите, се надева дека сите пратеници ќе се одважат и ќе ја понесат одговорноста која што им е дадена од граѓаните.
– Верувам дека на крајот сите ќе се одважиме и ќе ја понесеме одговорноста која што ни е дадена од граѓаните да носиме одлуки во нивно име и да ги ставиме во позиции на подобар и квалитетен живот којшто сакаат да го имаат дома. Собранието на Република Македонија е иснтитуција, а пратениците се народни избраници кои ќе ја донесат одлуката слободно, следејќи го интересот на граѓаните, рече Заев.
Нацрт-амандманите, според Заев, се донесени низ инклузивен процес и во нив се вградени и предлозите од новата Независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, а низ дебата ќе може да се подобри текстот на нацрт-амандманите.
И од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека во нацрт-амандманите се вградени нивните предлози. Координаторката на групата Елизабета Канческа-Милевска вчера изјави дека се прифатени нивниот предлог во однос на гарантирањето на идентитетот, како и барањето за безусловно поништување на сите амандмани доколку Република Грција не го ратификува договорот и повторно ги попречува евроатланските интеграции кои произлегуваат од имплементацијата на Договорот од Преспа.
Од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ очекуваат инклузивност и апелираат сите пратеници да се вклучат во јавната расправа која мора да се одржи во оваа фаза од уставните измени.
Утврдувањето на нацрт амандманите на Уставот од страна на Собранието е втора фаза од постапката за измена на Уставот. Тие се утврдуваат со просто мнозинство или 61 глас, а третата и последна фаза е нивното усвојување за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници. По усвојувањето на нацрт-амандманите во Собранието, тие одат на јавна расправа чие времетраење го утврдува Парламентот.
Собранискиот Деловник предвидува од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.
Претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница, но може да биде завршено и побрзо од максималните рокови