Владата на денешната 72 седница ја разгледа и усвои Информацијата во врска со потребата од раскинување на Договорот од 28.2.2020 година за групна набавка и Договорот за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции од 11.8.2020 склучен со друштвото „Инвока гроуп“, ДООЕЛ-Скопје, информира владината Прес-служба.
– Притоа беше задолжен Генералниот секретаријат на Владата на Република … Македонија да го раскине Договорот за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции склучен со друштвото „Инвока гроуп“, ДООЕЛ-Скопје, со задолжение согласно Законот за јавни набавки да се побара од Бирото за јавни набавки согласност за спроведување на постапка со преговарање без јавен оглас и да склучи договор со оператор со времетраење до завршување на редовната постапка за јавна набавка и склучување на нов договор за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции, се наведува во соопштението.
Покрај ова, Генералниот секретаријат на Владата е задолжен по раскинување на Договорот да започне со редовна постапка за јавна набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции и да склучи нов Договор за групна набавка и да ги извести министерствата за правда, за внатрешни работи, за економија, за транспорт и врски, за труд и социјална политика и за животна средина и просторно планирање, Комисија за хартии од вредност, агенците за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и за катастар на недвижности, Царинската управа, Инспекциски совет и Академија за судии и јавни обвинители, дека договорот со „Инвока гроуп“, ДООЕЛ Скопје е раскинат и за постапката по заклучоците да ја информира Владата.
– Владата на Република … Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за основање на меѓуинституционална работна група заради унапредување на договорната соработка, во која членуваат претставници на органите на државната управа во Република … Македонија и од самостојните органи на државната управа кои што учествуваат во усогласување на меѓународни договори чија основна задача ќе биде координација и поддршка на активностите насочени кон склучување и влегување во сила на меѓународните договори заради зголемување на договорната соработка со другите субјекти на меѓународното право. Целта е, придонесување кон финализирање и склучување на меѓународните договори за кои е иницирана постапка за усогласување и унапредување на соработката на Република … Македонија во различни области, што ќе придонесе кон зголемување на угледот на Република … Македонија во меѓународните односи, се наведува во соопштението.
Меѓу другото, на седницата е разгледана и усвоена Информацијата за завршени преговори за потпишување Меморандум за соработка помеѓу Словачката амбасада во земјава и Владата, претставувана од Министерството за информатичко општество и администрација, при што беше донесена одлука, ресорниот министер да го потпише Меморандумот.
– Меморандумот се однесува на имплементацијата на проектот „Трансфер на знаење за дигитализацијата во јавната администрација во земјите од Западен Балкан“, финансиран од СловакАид – Официјална развојна помош на Словачката Република и содржи конкретен план за обуки и нотирани институции, кои ќе делегираат свои членови да учествуваат во истите, се вели во соопштението.
Како што информира впадината Прес-служба, на седницата е разговарано и е прифатена Информацијата за потпишување на Заедничката декларација од страна на Македонија за имплементација на Агендата за Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт, при што беше прифатен текстот на Декларацијата и беше донесено овластување, министерките за образование и наука Мила Царовска и за култура Ирена Стефоска да ја потпишат.
– Со потпишување на овој документ се прифаќа помошта што ја нуди Европската Унија за економски раст, нови работни места и имплементација на реформи потребни за поддршка на регионот за Европска перспектива и интензивирање на заложбата на сите нивоа за трансформација на политички, економски и социјален план. Агендата ќе придонесе за социјален и економски развој и регионална соработка, врз основа на целосна поддршка од страна на Европската Унија за брз рестарт на економијата во регионот во процесот на пристапување кон ЕУ, врз основа на воспоставениот амбициозен Економски и Инвестициски План од страна на Европската комисија, за регионот, за поддршка на заедничката зелена и дигитална транзиција, со предлог за издвојување на 9 милијарди евра од ИПА 3 за периодот 2021-2027, вклучувајќи ја гаранцијата за Западен Балкан со амбиција потенцијално да се зголемат вложувањата до износ од 20 милијарди евра, информира Владата.
Министрите денеска го утврдија и Предлог-законот за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Македонија и Франција, кој се однесува на основањето и на активностите на Француската агенција за развој (ФАР), на Пропарко и на Експерти за Франција во Македонија.
– Со ратификацијата на Договорот, со кој се утврдуваат правилата што ќе се применуваат за основање и за активности на Групацијата ФАР и на Експертиза Франција во Република … Македонија и со кој се дефинираат правните, даночните и финансиските услови кои се применуваат за статусот и за активностите на Групацијата ФАР и на Експертиза Франција во земјата и начинот на нивно работење се овозможува уредување на основањето на претставништво со цел, унапредување на економската и финансиската соработка преку што и се создава можност за поблиска билатерална соработка меѓу Република … Македонија и Француската Република во наредниот период особено преку работата на претставништвото на ФАР. Основната дејност на Претставништвото е да обезбеди субвенции, долгорочни заеми и гаранции, да доделуваат финансиска помош на Република … Македонија, на единиците на локалната самоуправа, на јавните и приватните претпријатија односно трговски друштва, согласно овој договор и националното законодавство на нашата држава, се додава во соопштението.