Откако Владата ја одзеде дозволата на концесионерот на Охридско Езеро, тоа е без концесионер. Сега е најавено дека во владина процедура е постапката за објавување конкурс за избор на нов концесионер.
Како што информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, во консултација со стручните служби од Охрид и институтите, направена е измена во риболовните основи за поголема заштита на рибниот фонд.
– Прифатени се сите предлози што стигнаа во делот на заштитата на белвицата и охридската пастрмка. Со овие измени на риболовните основи имаме уште поголема сигурност. Штом ќе заврши владината постапка, формирањето комисии и другите активности што се во процедура ќе биде објавено, рече Николовски.
Ресорниот министер тврди дека и покрај тоа што Охридското Езеро нема концесионер кој треба да се грижи за зачувување на рибниот фонд и да го штити од рибокрадци, Инспекторатот успешно ја врши својата работа.
– Ќе ги објавиме констатираните незаконитости и ќе имаме транспарентна постапка за избор на нов концесионер согласно изменетите риболовни основи кои даваат поглема заштита на ова природно богатство, напоменува Николовски.
Охридското Езеро моментно нема концесионер. Со одлука на Влада е одземена концесијата поради, како што информира министерот, неисполнување одредени законски обврски кои треба да ги извршува концесионерот.