Владата предлага да ја субвенционира цената на топлинската енергија за домаќинствата во Скопје во висина од 80 отсто, а останатите 20 проценти да ги покријат Градот и скопските општини, со што трошоците за топлинска енергија на домаќинствата ќе останат непроменети, информира денеска на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски.

Министерот Бектеши нагласи дека Владата во координација со сите надлежни институции од енергетскиот сектор и по консултации со Регулаторната комисија за енергетика, им предложила на компаниите кои имаат лиценца за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, разликата од актуелната до реалната цена на топлинска енергија да ја покрие Владата од Буџетот во висина од 80 отсто, додека останатите 20 проценти, со цел да се затвори целата финансиска конструкција и да се обезбеди сигурност и стабилност во снабдувањето со топлинска енергија за корисниците, ќе треба да ги покрие Градот Скопје и општините во рамки на градот.

– Средствата за разликата од актуелната до реалната цена на топлинска енергија, Владата во име на потрошувачите, корисниците или домаќинствата кои се корисници на топлинска енергија, како и на јавните институции, ќе ги уплати на БЕГ, при што БЕГ ќе биде обврзан да ги намали сметките на потрошувачите, односно домаќинствата нема да добијат повисоки сметки за топлинска енергија, рече Бектеши.

Воедно, тој нагласи дека помошта на Владата ќе важи за цела година во делот на разликата од актуелната до цената што ќе ја одреди РКЕ.

– Поддршката ќе важи за сите домаќинства во рамки на Град Скопје, кои што ја користат топловодната мрежа, вклучувајќи ги ЕСМ, Скопје-Север и БЕГ. Што се однесува на проекциите, Владата ќе изводи приближно пет милиони евра, а Град Скопје и општините ќе треба да платат милион евра за цела година, рече министерот Бектеши.

Претседателот на РКЕ, Бислимовски, нагласи дека Владата покажала солидарност со цел граѓаните да не го понесат товарот од енергетската криза.

– Решението е следно, РКЕ ќе донесе одлука со која што цените за топлинска енергија ќе бидат реални. Разликата помеѓу оваа реална цена до постоечката цена ќе биде покриена во најголем дел од Владата, а во еден сосема минимален дел од Градот Скопје и од општините во Градот Скопје. На тој начин ќе се обезбеди потребната ликвидност и на БЕГ производство и на БЕГ дистрибуција и на БЕГ снабдување. Исто така, што треба да се знае дека со овие мерки цените трошокот за топлинска енергија на домаќинствата во градот Скопје ќе остане непроменет, рече Бислимовски.

Меѓу другото, тој упати апел до претставниците на компаниите што вршат енергетски дејности од областа на топлинската енергија да го прифатат овој предлог, затоа што е реален и затоа што им обезбедува ликвидност и она што е најбитно обезбедува да нема зголемување на трошокот за топлинска енергија на граѓаните од Градот Скопје.

Бислимовски беше прашан и за тоа дали ќе има ново покачување на цената на топлинска енергија, при што одговори дека РКЕ во декември донесе нови цени за топлинската енергија во градот Скопје со што тие се зголемија за 14 проценти.

– Со промена на цената на топлинската енергија во иднина трошоците на граѓаните за парно во градот Скопје ќе останат непроменети, од причина што разликата на зголемениот трошок до трошокот за јануарската сметка ќе биде покриен од страна на Владата на Република … Македонија, изјави Бислимоски.

Тој посоли дека сите компании во државата што се снабдуваат со природен гас се соочија со значително зголемување на цената на природниот гас кој што изнесува далеку над 14 проценти.

– Ова што го презема РКЕ во координација со Владата, значи дека потрошувачите на топлинска енергија во Градот Скопје, нема да имаат зголемен трошок за топлинска енергија бидејќи разликата ќе ја субвенционира државата. Со конкретни податоци ќе излеземе во следните денови, додаде Бислимоски.