Ќе испрати ли Владата писмо до Европската комисија (ЕК) за меѓународна ревизија или евалуација на судските случаи „Монструм“, „Диво насеље“, Малиот Алмир“, „Алфа“, а можеби и на „Никола Младенов“ и „Љубе Бошковски“, откако според информации на „Слободен печат“, тоа на средба денеска претпладне било договорено помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и независниот пратеник Скендер Реџепи. Детали од средбата не се откриваат, освен дека по допрецизирање на документот, Владата писмото наскоро ќе го испрати до ЕК.
По излегувањето на Алтернатива од власта, Реџепи кој до пред половина година беше дел од Алтернатива и ја напушти токму поради нереализација на клучното барање на партијата при влез во Владата лани – меѓународна ревизија на судските предмети, сега при реконструкцијата на Владата сам преговара со Ковачевски.
Тој најави дека ќе гласа за новиот владин кабинет, бидејќи е дел од парламентарното мнозинство, но и дека има свои услови за тоа. Реџепи претходно изјави дека ќе побара средба со премиерот Ковачевски за да разговара за тие судски случаи. Според Реџепи, Алтернатива никогаш не побарала од Владата меѓународна ревизија за, како што вели, монтираните случаи, кои беа главна точка од договорот за владина коалиција меѓу Алтернатива и СДСМ. Ќе му успее ли на Реџепи тоа што една година не му успеа на претседателот на Алтернатива Африм Гаши, засега нема потврда од Владата.