Министерството за економија ќе ги финансира домаќинствата кои оваа година ќе купат и наместат ПВЦ или алуминиумски прозорци, сончеви колектори и фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до шест киловати.
Ова денеска на прес конференција го соопшти министерот за економија, Крешник Бектеши, кој додаде дека, буџетот за овие намени годинава е зголемен, и средствата во оваа програма се во вкупен износ од 70 милиони денари.
„Министерството за економија на лицата кои ќе купат и вградат алуминиумски прозорци во своите домови ќе им обезбеди поврат на средства до 50 % но не повеќе од 20 илјади денари. Надоместување на дел од трошоците за купување на сончеви колектори вредвидени се 15 милиони денари и ќе опфати над 1.000 домаќинства, кофинансирањето ќе биде до 30 отсто, не повеќе од 15 илјади денари“,изјави, Крешник Бектеши, министер за економија .
За третата мерка, како што рече Бектеши, која подразбира надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање фотонапонски електроцентрали, предвидени се 30 милиони денари и ќе бидат опфатени над 400 домаќинства. За оваа мерка, повратот ќе биде до 30 отсто, но не повеќе од 80 илјади денари.
На домаќинствата кои ќе направат вакви инвестиции ќе им биде платена произведената струја.
„Обврска на универзалниот снабдувач на електрична енергија е да го преземе произведениот вишок енергија од домаќинствата, да им ја плати произведената енергија или да им ја надомести на они што ќе се одлучат за вакви инвестиции“, изјави, Крешник Бектеши, министер за економија.
Министерството за економија до крајот на следниот месец за стопанството ќе ги кофинансира сите инвестиции во обновливи извори на елергија за сопствени потреби или за производниот процес и ќе покрие 20 отсто од трошокот.