За Владата францускиот нон-пејпер е за поздравување, бидејќи, како што велат оттаму, добредојдена е секоја идеја која ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, посуштински и покредибилни.
Владата веќе го добила документот на Франција, со кој се предлага нов пристап во преговарачката методологија и поблиска политичка соработка на државите членки и државите кандидатки.
-Многу е важно што рамката која ја предлага Франција го потврдува членството во ЕУ како главна и крајна цел на процесот што за нас е неопходен услов за воопшто таа да се разгледува, велат од Владата.
Претстои разгледување на оваа иницијатива, по што институциите ќе дадат свој придонес во развивањето на идеите за можна промена на методологијата.
-Од витално значење за домашните реформи и за натамошниот развој на државата е да се донесе одлука за почеток на преговорите за членство со ЕУ која ќе овозможи во динамичен преговарачки процес да се внесуваат делови од можниот нов пристап за подобрување на методологијата. Сметаме дека е особено важно земјите кои ги исполнуваат условите и темелно постапуваат во реформите, непречено и брзо да одат низ процесот на преговори, до конечно членство во ЕУ, велат од Владата.