Владата вчера информираше дека на одржаната седница ја разгледа Информација од Министерството за здравство за потребата од обезбедување дополнителни финансиски средства за ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести Скопје, зa набавка на терапија за пациентите со Цистична фиброза.
-Заклучено е Министерството за финансии, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување да одржат координативен состанок, со цел доставување предлог решение, истакнаа од Владата.
Денеска се огласи министерот за здравство Беким Сали кој на социјалните мрежи напиша дека на владината седница иницирал обезбедување финансиски средства за лекот Трикафта за 30 пациенти со цистична фиброза.
-Се очекува во текот на утрешниот ден да биде донесена одлука за обезбедување средства. Продолжуваме да се грижиме за здравјето на сите, напиша Сали.
Пациентите со цистична фиброза уште пред нова година одржаа протест пред Министерството за здравство на кој истакнаа дека кога доцнат лековите, не купуваат од странство, туку се снаоѓаат и си позајмуваат меѓу себе.
-Протестот го закажавме во 5 до 12 и буквално и фигуративно изминува 5 до 12, сме воделе вакви преговори и сме добивале ветувања. Не смее да се случи ниеден живот да биде загубен, со солзи тогаш рече Ивана Атанасоска од Асоцијацијата за цистична фиброза.