Владата на синоќешната седница ја разгледа Информацијата со хронологија за постапките за доделување на концесиите за детални геолошки истражувања и експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот „Иловица“, општина Босилово и општина Ново Село на Друштвото за производство, промет и услуги ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје, со прилози, поднесена од Министерството за економија.

-Информацијата, којашто беше и образложена на седницата, е согласно Извадокот од Нацрт записникот од 171-та седница на Владата на РС Македонија, одржана на 18 јули 2023 година, во врска со управните и судски постапки, заклучоци и информации, поврзани со експлоатацијата на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот „Иловица“ општина Босилово, соопшти вечерва владината прес-служба.

Оттаму најавуваат дека повеќе информации во врска со оваа точка на дневниот ред на владината седница, од интерес на јавноста ќе бидат соопштени на најавената прес-конференција на министерот за економија Крешник Бектеши.

Прес-конференцијата на Бектеши, што требаше да се одржи вчера во 14.00 часот, е закажана за денеска во 11 часот.

Бектеши пред Владата реферираше за постапките за концесиите, по реакците од жителите и граѓанските организации од струмичкиот регион, кои се против отворање на рудникот и бараат повлекување на одлуката за спојување на концесиите. Против отворање на рудникот се изјаснија и дел од министрите од СДСМ, а вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека ќе се почитува одлуката на граѓаните доколку се изјаснат против отворањето на вакви капацитети во овој регион.