Владиката Петар вели дека бил изваден од контекст во однос на велигденското послание каде порача дека родовата еднаквост е отровна и богохулна идеологија. Во интервју за Телма тој се обиде да се појасни себе си и рече дека мислел на полова еднаквост. Тој ја осуди промената на полот и порача дека „треба да се почитува тоа што Господ го создал“.
-Да правиме разлика меѓу половата и родовата еднаквост. Господ ги создал духовниот и физичкиот свет, човекот го создал како цар на земјата, мажот, видел Господ дека не е добро да биде сам, зел од неговите ребра да ја создаде жената. Тој ги соедини мажот и жената за да го продолжат родот – започна владиката со објаснување на Библијата.
Тој потоа се осврна на луѓето кои сакаат да го сменат својот полов идентитет.
-Има луѓе кои велат „јас не сакам да бидам маж, туку жена, ќе се чувствувам како жена, ќе се претставувам како жена“, прашањето е дали мажот што ќе си го промени полот е во состојба да може да раѓа, или жената кога ќе стане маж, дали е во состојба да оплодува. Само оние што го менуваат полот и тоа денеска сакаат да бидат жени или мажи, а утре сакаат пак да си се вратат на првиот пол… Тоа што Господ го создал треба да се почитува, ни кај стоката врстите не можат да се менуваат. Во вкрстувањето на магаре со кобила, се добива маска, таа после не е плодна, завршува со тоа – рече тој.
Во врска со неговата осуда за разведените жени и самохраните мајки, тој повторно рече дека бил погрешно сфатен.
-Никогаш не сум бил против жените, јас мојата мајка ја почитувам како светиња. Зборовите ми се извртени, јас само констатирам дека жената е еманципирана и го поздравувам тоа. Дека е разведена и самохрана мајка, констатирам, но не велам дека е виновна, во најголем случај мажите се виновни за разводите затоа што ги изневериле жените – рече владиката.