Црквата Божја, браќа и сестри, не е ништо друго освен Божја заедница – народот Божји собран во храмот, како што сте вие денес. Но не се сите што протестираат надвор од храмот – ни пред резиденцијата на Блаженејшиот во Охрид, ни во Скопје – дел од таа заедница. Тие велат дека имаат старец. Па каде е тој старец, зошто не застанува со нив? Ако е вистински пастир, нека се покаже! Но бидејќи е лажен пастир, крадец на души, затоа се крие, оистакна владиката Петар, митрополит Преспанско и пелагониски, при отслужиување на Светата Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола на 1 јуни оваа година.

Секоја душа на православен верник припаѓа на заедницата наречена парохија, предводена од својот парохиски свештеник. Таа е првата црковна заедница. А најмалата заедница е домашната Црква – семејството, со таткото како глава, заедно со мајката и децата. Сите парохии, пак, собрани околу својот епископ, ја сочинуваат целата Црква. Зашто полнотата на Црквата се изразува преку епископот.

Не преку викарни епископи, кои се помошници на надлежниот архиереј. Не преку самонаречени старци кои шират духовна заблуда. Ги собираат околу себе луѓето како гуруа и создаваат култ, а тоа не е од Духот Божји.

Немаме право да молчиме! Погледнете што зборуваат по социјалните мрежи! Протестираат и се обидуваат да го рушат црковниот поредок. Сакаа и тука, во петок, да направат „собор“. Благодарение на вашата верност, тоа не успеа. Тие што се собираат таму, се главно луѓе некогаш зависни – од дрога, алкохол – кои биле заведени, а сега се заробени со нова зависност: духовна заблуда.

Ниту еден духовник од манастир нема право да собира верници околу себе и да се претставува како нивен пастир. Тој може да биде духовник само на монасите или монахињите од својот манастир, според уставот на Црквата и каноните. Сè друго е заблуда и кражба на туѓи души.

Ако тие „духовници“ навистина имаат духовни чеда, нека дојдат со своето братство, нека ги покажат. Но тие немаат. И сега дури сакаат да изберат свој владика. Тоа не е нивно право. Во Православната Црква епископи избира Синодот, а за архиепископ – тоа е посебно тело со свештени лица и мирјани.

Никој не може да ја узурпира Црквата. Главата на Црквата е Христос! Не Папата во Рим, не Патријархот во Цариград, не епископот Петар, не било кој друг. Христос е Главата на Црквата. А ние, ако личиме на Него, ако сме верни, тогаш сме Негови служители.

Без Светата Причест, без Телото и Крвта Христови, нема Црква. Кога се причестуваме, ако сме се подготвиле – со покајание и простување – тогаш навистина сме во заедница со Христа.

Ако некој се смета за најголем, најсвет, а притоа гордо се издига – тој е лажен пастир. Вистинскиот пастир оди пред овците, и тие го следат. А тие што сега кружат низ Охрид, Скопје и на други места, се како овци без пастир – заведени и изгубени.

Ако некој сака да биде излажан, ќе биде. И ќе заврши како Јуда, кој го предаде Христа, па се покаја, но не се спаси. Тоа е трагичен крај.