Со панел дискусии и изложбени штандови на повеќе компании од Полог, претпладнево беше отворен саем за вработување и кариера во седиштето на Младинскиот ресурсен центар „I Can“ во Гостивар.
На отварањето зборуваа вицепремиерот за економски прашања, координација со економски ресурси и инвестиции Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска кои ги истакнаа заложбите на Владата, особено во грижата за младите.
-Како политичари, треба секогаш да се потсетиме затоа што припаѓаме на истиот еко систем кој е поврзан и меѓусебно зависен. За овие млади луѓе кои се денеска тука, но и за сите наши млади секаде за нив и со нив заеднички го кокреираме секојдневието во кое живееме, но и иднината која ќе им ја оставиме. Ќе зборувам како е тоа така? Затоа што сметам дека јасна слика и визија за иднина е она што тие сакаат и мора да го видат, но и да веруваат дека е можно. Визија која мора да биде доволно јасна, конкретна и во склад со нивните потреби што ќе им овозможи со неа тие да ги идентификуваат своите амбиции и животот да го живеат и да го реализираат во својата држава. Очекувањето е дека ова ќе резултира со креирање на Националната развојна стратегија 2022-2042. За мене битно, затоа што се надевам дека ќе им ја овозможи јасната слика во која секој од нив ќе може да се види и препознае, рече Битиќи.
Министерката Тренчевска напомена дека Македонија е прва земја на оваа Програма и дека таа дава одлични резултати.
– Целта која што беше поставена кога ја воведовме Гаранцијата за млади за да се смета за успешна беше најмалку 30 проценти од вклучените лица во оваа програма да излезат успешно во период од четири месеци откако ќе се регистрираат во Агенцијата за вработување, односно ќе бидат вработени, повторно вклучени во образовниот процес или ќе бидат вклучени во некоја од активните мерки и програми за вработување, рече Тренчевска.
Таа кажа дека во 2021 година од вкупниот број лица кои влегле во процесот на Гаранција за млади 8.064 млади до 29 години или 41 процент се вработиле, се стекнале со вештини со коишто ја подобриле својата вработливост и станале конкурентни на пазарот на труд.
– Значи, самата бројка, самите проценти покажуваат дека нашата цел била постигната за 2021 година, а понатаму ќе се трудиме што повеќе да го зголемуваме тој процент. Имплементацијата на Гаранција за млади продолжува. Во тек е подготовка на нов план за Гаранција за млади кој ќе го опфаќа периодот 2023-2026 година и верувам дека преку овој нов план ќе постигнеме уште поголеми резултати, се со цел да им помогнеме на младите, подвлече Тренчевска.
Моделите како Mладинскиот ресурсен центар „I Can“ во Гостивар кој го опфаќа Полошкиот регион и претставува навистина инклузивен, дигитален, иновативен и неформален центар за обуки и целосно одговара на потребите на младите во нивното побрзо вработување е модел којшто треба да се воспостави во сите региони во државата.