Решението за уривање на девет вили на комплексот „Радика“ во Леуново, го поништи Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.
Од Комисијата за Телма велат дека истото е вратено во повторна постапка на Инспекторатот во Општина Маврово и Ростуше, со насоки како правилно да се спроведе процедуралниот дел од законите околу Записникот и уште еднаш да извршат увид и да се изјаснат околу важните факти кои недостасуваат во првото решение.
Жалбата на инвеститорот не го одлага извршувањето, доколку Општината смета дека треба да ги руши, но треба да се штитат и правата колку на Општината толку и на субјектите и да се спроведе постапката според Законот за инспекциски надзор, велат од Комисијата.
По ваквата одлука со реакција излегоа и од Здружението на граѓани Спас за Маврово, формирано пред извесен период за, како што велат, да се стави крај на бетонизацијата. Тие постојано алармираат дека урбанизацијата за профит ќе ја уништи животната средина чијашто вредност е непроценлива.
Од Здружението Спас За Маврово најавуваат дека ќе поднесат жалби и најавуваат протести.
Деветте типски куќи, како дивоградби, според Решението на Општина Маврово и Ростуше, инвеститорот имаше рок од 15 дена да ги отстани. Во врска со случајот поднесени се и кривични пријави. Основното јавно обвинителство Гостивар на 5 октомври поднесе кривична пријава против две физички лица во својство на управители во правниот субјект ДТТУ Радика резорт ДООЕЛ увоз-извоз. А три дена подоцна поднесена е и трета кривична пријава за дивоградбите во Леуново против Ш.Р. (42) од Косово, поради сомневање за сторено кривично дело бесправна градба.