Владо ПАВЛЕСКИ
Со текстов се прави обид да се понуди заедничко решение на локацијата „Вардариште“, на дел од градскиот превоз и на еколошкиот проблем што се создава со користењето на цврсти горива во населбите околу „Вардариште“ од обете страни на реката Вардар.
„Вардариште“ порано била депонија за одложување на урбаниот и друг отпад што се создавал во Скопје. По активирањето на депонијата „Дрисла“, депонијата „Вардариште“ не би требало да се користи за таа намена, но „Комунална хигиена“ локацијата ја користела за претовар на градскиот смет и негов превоз до „Дрисла“. Но, таму имало уште два сериозни проблема: 1. бидејќи таму со години бил оставан отпад од различен вид, истиот бил напластен и повремено доаѓало до негово самозапалување, од што се создаваат гасови кои го загадуваат воздухот во тој дел од градот и бара интервенција на противпожарната служба на градот; може да се претпостави дека исцедоци од напластениот отпад подземно се влеваат во реката Вардар, без нивна обработка и 2. Таму се палеле кабли заради оголување на металот во каблите заради негова продажба, што исто така создава гасови кои го загадуваат воздухот.
Површината на „Вардариште“ била околу 350.000 метри квадратни, што остава можност, при наоѓање на решение за тој проблем, да се размислува, на пример, за претворање на таа површина во парк или користење за други намени. Една можна намена би била поставување на соларни панели и користење на електричната енергија за потребите на градот – кога временските услови овозможуваат создавање на ваква енергија. Исто така, таму може да се инсталира когенеративна електрична централа со погон на природен гас, како што сега е случај со когенеративната централа за производство на електрична енергија и топла вода за потребите на централното греење, во топлана „Исток“, на само неколку километри пред „Вардариште“ по текот на Вардар. Во прилог на ова оди и договорот за инсталирање на барем две когенеративни централи како странска директна инвестиција на турска компанија.
Електричната енергија создадена или од соларните панели или од когенеративната централа може да се користи за потребите на воведување на ТРОЛЕЈБУСКИ превоз во поголем дел од Градот Скопје. За разлика од „електричните“ автобуси за градски превоз, кои треба да работат со погон на електрична енергија од електрични батерии, кај тролејбускиот превоз енергијата би била распределена по трасите на возење на тролејбусите, така што не би носеле батерии, за што инаку треба да се користи дел од енергијата од батериите. Исто така, кај тролејбускиот превоз нема потреба од предвидување на постапки за полнење на батериите и замена на испразнетите батерии со полни, што би имало влијание на користењето на автобусите.
Во Скопје подолго време се разгледува можноста за воведување на трамвај како превозно средство. Трамвајскиот превоз има одредени карактеристики, но би требало да се води сметка за следните факти: инсталирањето на инфраструктура за трамвајски превоз е значително поскап и градежно потежок зафат. Сосема е логично „електричниот„ превоз да се воведе и по булеварот „Партизански одреди“ како една од основните сообраќајници на градот. Во тој случај трамвајските линии би требало да се постават по средината на булеварот, но токму таму подземно се поставени и главните водоводни цевки за снабдување со вода на голем дел од градот, врз кои тролејбускиот превоз би можел да има негативно влијание. За разлика од тоа, тролејбуските траси обично се поставуваат покрај тротоарите, така што патниците не мораат да поминат преку улицата за да дојдат до трамвајот, што го намалува ризикот од сообраќајни незгоди и забавување на автомобилскиот сообраќај по улиците. При трамвајски превоз нема начин да се заобиколи една трамвајска композиција од композиција зад неа, како што тоа може да се направи кај тролејбускиот превоз, кај кој на автобуските постојки за поставуваат паралелни троли преку кои се заобиколува тролејбусот што е на станицата.
Да се вратиме на когенеративната централа: топлинската енергија може и треба да се искористи за загревање на станбените објекти, најчесто приватни куќи за домување, околу „Вардариште“ од обете страни на реката Вардар или за создавање на техничка топла вода. На овој начин се отстранува сегашната ситуација овие објекти да користат цврсти горива за загревање и за готвење, со што се создаваат негативни влијанија врз воздухот – од чадот, но и од пепелот од согорувањето. Може да се претпостави дека таму сега се користат и отпадоци од дрво, делови од стар мебел, гуми и други органски материи, со што се создаваат еколошки неповолни материи и гасови.
Ваквото користење на топлинската енергија претпоставува изведба на подземни инсталации за развод на топлата вода низ постојните населби по улиците на населбите до станбените објекти. Таму улиците честопати се тесни, под нив веќе има подземни инсталации за водовод, канализација и електрична енергија, но сигурно ќе може да се изведе и топловоден развод. На овој начин се решава и еден социјален проблем: таму живеат и социјалн загрозени лица кои зимно време имаат проблеми со обезбедувањето на загревање на нивните домови. На овој начин може да се обезбеди загревање и за нив, со примена на мерки за социјална поддршка кон нив.
Кај тролејбускиот сообраќај се користи електрична енергија со еднонасочен (наместо наизменичен) напон, поради што може д се очекува напонот на тролите да се намалува со растојанието. Заради тоа е логично слична когенеративна централа да се постави и на подалечна локација во градот, на пример, во делот од градот што гравитира кон населбата „Ѓорче Петров“, и оттаму да се обезбеди тролејбуски развод во насока кон центарот на градот. Двета инсталации можат да се доведат до една точка, на растојание од, на пример, неколку милиметри, така што меѓусебно не биле споени, а тролејбусот со тролите би прешол на напојување од една на друга мрежа во текот на движење на возилото.
Алтернатива на обезбедувањето на електрична енергија за тролејбускиот превоз може да се обезбеди од јавната електрична мрежа на државата – во моменти на неработење на когенеративната централа-централи или несоздавањето на електрична енергија од соларните панели.