Владејачките СДСМ и ЛДП се против формирање широка влада во која би влегле и опозициските партии, предлог што го изнесе пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, кој исто така е дел од владејачкото мнозинство.
Премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски вчера изјави дека нема потреба за формирање широка коалиција и експертска влада, бидејќи оваа Влада има политички легимитет и капацитет, и политички, и економски, од секој аспект да се справи со овие предизвици коишто се пред нас.
– Ја видов изјавата на Павле Трајанов. Тој веројатно беше мотивиран од она што јас го кажав во Собранието дека сите политички партии без разлика дали се на власт или се во опозиција треба да дадат свој максимум во оној на справувањето на државата со енергетската и со економската криза во која што се наоѓа целиот континент, рече Ковачевски на прес-конференцијата во Владата по средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој истакна дека оваа Влада од прв ден работи со предизвици и изрази увереност дека ќе успее да ја преброди и сегашната криза.
– Ако се сетиме на 17 јануари кога беше изгласана оваа Влада, истите овие прашања ми ги поставувате, а тоа е дали ќе има затоплување на градот Скопје, бидејќи знаете тогаш на 14 јануари практично Скопје немаше затоплување. И истото се однесуваше на снабдувањето на електрична енергија. Успеавме да пребродиме непречено снабдување со храна, бидејќи нашите соседи имаа воведено е забрани за извоз на храна, а дел од нашите стратешки производи ги снабдуваме од соседството, дел извезуваме во другите соседни земји и преку директни контакти со претседателите на Србија, Албанија и на Грција успеавме да обезбедиме непречен проток на храна. Се беа тоа предизвици со кои успешно се справивме. Се справивме успешно со уште еден пик на корона вирусот. И сметам дека во наредните шест месеци ќе се справиме со енергетската криза која што е пред нас, изјави Ковачевски.
Моника Зајкова, пратеничка од ЛДП, синоќа во телевизиско интервју изјави дека партијата е апсолутно против формирање широка коалиција и предвремени избори и не се согласува со ставот на Трајанов од Демократски сојуз.
-Не би се согласила со оваа констатација на Павле Трајанов, затоа што, според она што го гледам во парламентот, мнозинството е стабилно, а можеме да видиме и дека Владата работи во полна пареа и ги менаџира предизвиците со кои се соочува. ЛДП е апсолутно против вакви широки коалиции,
рече Зајкова во гостување во дневникот на ТВ Сител.
Таа додава дека во државата треба да има обединување по одредени прашања, особено кога станува збор за државнички прашања или менаџирање на одредени кризи, меѓутоа секогаш во секоја нормална европска земја опозицијата е онаа којашто е објективен коректив на власта и, на некој начин, врши контрола или притисок врз нејзиното работење. Затоа, вели Зајкова, не би навлегла во вакви широки коалиции, особено не затоа што немаме драстични случувања кои би ги менаџирала таа коалиција.
Владата вчера во Собранието ја испрати оставката на министерот за локална самоуправа Горан Милевски, кој е и претседател на ЛДП, но не и предлогот за избор на нов министер за локална самоуправа. Според информациите од Либерално-демократската партија, за ова министерско место ќе биде предложен Ристо Пенов.