Властите на Индонезија, која е на четвртото место во светот по број на население, се загрижени за „бејби бум“ поради пандемијата на коронавирусот.
Агенцијата за планирање семејство очекува дополнителни 400.000 раѓања како резултат на мерките за изолација што ограничија пристап до контрацепција.
Контрацептивната употреба „драстично опадна“ од почетокот на епидемијата во март, изјави шефот на индонезиската служба за планирање семејство, Хасто Вардојо.
Здравствените службеници стравуваат од зголемен број на абортуси или смрт на мајки.
– Исто така, загрижени сме (поради ризикот) од неухранетост, не сите семејства можат да си дозволат добро да ги хранат своите деца, додаде Вардојо.
Бидејќи пристапот до болниците стана тежок, властите мораа да најдат креативни решенија за да промовираат контрола на раѓање, така што моторизирани медицински екипи посетија села за да го предупредат населението дека не е добро време да се родат бебиња.
„Може да имате секс. Може да стапите во брак. Но, не забременувајте … Тато, контролирајте се … нема секс без контрацепција“, предупредуваа лекарите преку мегафон.
Индонезија води политика на планирање на семејството од диктатурата на Сухарто пред околу 50 години, што значително ја намали стапката на наталитет, така што бројот на деца по мајка е 2,34 во оваа земја со скоро 270 милиони жители.
Оваа недела, за само еден ден беше покрената голема акција за дистрибуција на контрацептивни средства за околу еден милион Индонезијци. Кондомите се се уште непопуларни во Индонезија, а 98 проценти од корисниците на контрацепција се жени кои користат хормонски инекции или апчиња за контрацепција.