Најпознатиот македонски гитарист Влатко Стефановски вечер ќе има концерт во Античкиот театар во Охрид. Нашиот гитарски виртуоз ќе настапи со гостите и негови пријатели Теодосиј Спасов од Бугарија, хармоникашот Танос Ставридис од Грција, Биља Крстиќ од Србија, Весна Гиновска Илкова и групата „Љубојна“ од Македонија. Посетителите ќе можат да го слушнат неговиот последен проект, албумот „Мајчин јазик“.
– Верувам дека охридскиот концерт ќе биде кулминација на сите мои трагања, музички и просторни. Со нетрпение го очекувам концертот и моите гости кои доаѓаат од разни страни, рече Стефановски минатиот месец на прес-конференција во Скопје. Додаде дека е оптимист и очекува добро време за охридскиот концерт.
Баги комуникации, кои се организатори на концертот, најавија присуство на првата жена премиер на Словенија Аленка Братушек.
Почетокот на концертот е во 22 часот.