Додека Заев се фали по странски телевизии дека наводно ужива најголема доверба помеѓу граѓаните, дома бега од предвремени избори, велат од ВМРО- ДПМНЕ.
Според најголемата опозициска партија, Заев бега од гневот на граѓаните, поради понижувањата кој им ги сервираше, поради името кое го промени, а се колнеше во своите деца и предци дека не ни помислува на таков чекор.
-Бега бидејќи на 20-тина страни хартија се откажа од се што е македонско, од македонското, име, јазик, идентитет, историја, заклучува ВМРО- ДПМНЕ.
Според партијата, Заев на граѓаните не им ја отуѓи само историјата туку и иднината.
-ММФ излезе со поразителни податоци дека за прв пат во македонската историја јавниот долг ја помина опасната граница од 50 проценти, власта секојдневно ги задолжува граѓаните, а нашата држава е на граница на должничко ропство. Поразителен е и фактот дека повеќе од 80 проценти од младите во Македонија би сакале да ја напуштат државата и да заминат во туѓина, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму потенцираат дека Заев наместо да го оствари ветувањето за едно општество за сите, го подели македонското општество како никогаш досега.
-До тој степен македонското општество е поделено што ниту владините коалициони партнери на прес-конференции не се разбираат помеѓу себе. Оние Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци на кој Заев им ветуваше живот, 500 евра плата и враќање на младите назад во државата, сега бараат остварување на овие ветувања. Наместо двојазичност граѓаните од сите етникуми го бараат ветениот живот, се вели во соопштението на партијата.
ВМРО- ДПМНЕ смета дека на пазарџиите, пензионерите, младите, земојделците како и на сите граѓани во Македонија им е доста од црнилата олицетворени во одродената и криминална власт предводена од аболицираниот Заев.
-Граѓаните сакаат да стават крај на црнилата. Ајде Зоране собери храброст, излези и соочи се со македонските граѓани, излези на предвремени избори, потенцираат од таа партија.